Новиот Правилник за регистарот на потрошувачи во Србија кои не сакаат да добиваат повици и/или пораки во рамките на промоција и/или продажба преку телефон стапи на сила овој викенд. Тој предвидува дека трговците, пред секој промотивен телефонски контакт, мора да проверат дали бројот на потрошувачот се наоѓа во регистарот „Не ме повикувај“, каде што се евидентирани потрошувачите кои сакаат да избегнат пораки и повици од трговци во рамките на промоција и продажба, пишува „Нова економија“.
За непочитување на оваа обврска предвидена е парична казна од 200.000 динари за трговецот, додека на одговорното лице во фирмата може да му се изрече казна од 50.000 динари, пренесува „Нова економија“.
Истовремено, Законот за електронски комуникации за директно рекламирање без претходна согласност од крајниот корисник пропишува парична казна за прекршок во распон од 500.000 до два милиони динари.
Запишувањето или отпишувањето на бројот од регистарот „Не ме повикувај“ се врши бесплатно, преку операторот на јавно достапните електронски комуникациски услуги со кој корисникот има склучено договор.
Граѓаните барањето можат да го поднесат по електронски пат, преку интернет страницата или апликацијата на својот оператор, но и лично во неговото продажно место, со претходна идентификација.
При електронското поднесување на барањето ќе се проверува идентитетот на корисникот, името и презимето, телефонскиот број што гласи на негово име и ЕМБГ. По приемот на барањето, корисникот ќе добие потврда, а промената во регистарот ќе биде видлива првиот нареден ден од извршеното запишување или отпишување.












