На плоштадите во Битола и во Прилеп, граѓаните ќе имаат можност одблизу да се запознаат со практичните решенија за поставување фотонапонски системи во домаќинствата. Преку штандови, демонстрации и разговори со компаниите и со организациите, посетителите ќе добијат информации за производството и за користењето електрична енергија од сонце. Во фокусот ќе биде и концептот на просумер – граѓанин што произведува и користи сопствена електрична енергија. За најмладите се предвидени интерактивни работилници преку кои, на забавен начин, ќе се запознаат со обновливите извори на енергија

 

Како може да стане сончевата енергија дел од секојдневието на домаќинствата, кои се можностите за поставување фотонапонски системи и како може да станат граѓаните од потрошувачи производители на електрична енергија – на овие и низа други прашања ќе се бараат одговори на соларните саеми што ќе се одржат денеска и утре, во Битола и во Прилеп.

Првиот настан, „Соларен саем Битола“, ќе се одржи денеска од 11:00 до 14:00 часот, на плоштадот „Магнолија“, додека ден подоцна, в среда, во истиот термин, саемот ќе се пресели на Градскиот плоштад во Прилеп.

Настаните ги организира Центарот за климатски промени, со цел темата за обновливите извори на енергија да стане поблиска и поразбирлива за граѓаните. Наместо само теоретски информации, посетителите ќе имаат можност на самото место да се запознаат со конкретни решенија, технологии и можности за користење на сончевата енергија во своите домови.

На саемите ќе бидат присутни повеќе организации и компании, кои преку своите штандови ќе ги претстават достапните технички решенија и понуди за поставување фотонапонски системи. Граѓаните ќе може директно да разговараат со претставниците, да поставуваат прашања и да добијат практични информации – од можностите за инсталација до начинот на кој функционираат соларните системи и како може да се користи произведената електрична енергија во домаќинството.

Акцентот ќе биде ставен на концептот на просумер – граѓанин што истовремено произведува и троши електрична енергија. Идејата е домаќинствата да не бидат само корисници на енергија туку и активно да учествуваат во енергетската транзиција преку производство на електрична енергија од обновливи извори.

За посетителите се подготвени и интерактивни демонстрации, меѓу кои симулации на производството и користење електрична енергија. Преку нив, на практичен начин ќе може да се види како функционира еден соларен систем и како може да се претвори енергијата од сонцето во електрична енергија за потребите на домаќинствата.

Саемите нема да бидат наменети само за возрасните. Организаторите предвидуваат и интерактивни работилници за децата, преку кои најмладите, низ игра и практични активности, ќе се запознаат со обновливите извори на енергија и со значењето на сончевата енергија за иднината.

Од Центарот за климатски промени велат дека ваквите активности се дел од пошироките напори за подигнување на јавната свест за одржливите енергетски решенија, но и за поттикнување поголемо граѓанско учество во процесите на енергетска транзиција.

Целта е можностите што ги нудат обновливите извори да станат подостапни и поразбирливи за граѓаните, особено кога станува збор за практичните прашања со кои се соочуваат домаќинствата што размислуваат за поставување фотонапонски системи.

Соларните саеми во Битола и во Прилеп се реализираат во рамките на проектот „Зајакнување на позитивната перцепција за процесите на праведна транзиција на локално ниво“, во рамките на иницијативата „Финансирање на поправедни иднини: проширување на ангажманот и овозможување на инклузивна и родово трансформативна климатска правда во Европа и пошироко“.

Проектот е координиран од CAN Europe, кофинансиран од Европската Унија, а меѓу неговите цели е да се зголеми информираноста и да се поттикне вклучувањето на граѓаните во процесите што водат кон почист и поодржлив енергетски систем.

Од Центарот за климатски промени ги повикуваат граѓаните да ги посетат саемите и директно да се информираат за можностите што ги нуди сончевата енергија – не само како алтернативен извор на електрична енергија туку и како можност домаќинствата да станат активен дел од енергетската иднина.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ