Вчера напладне, од оџакот на Сикстинската капела излезе црн чад. По три гласања, од кои едното во средата и две во четвртокот претпладне, не е избран нов папа, наследник на папата Франциск, кој почина минатиот месец. Очите на десетици илјади верници собрани на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан останаа вперени во оџакот, во очекување на бел чад, кој се појавува кога ќе се избере папа.
– Мило ми е што трае толку време, бидејќи тоа значи дека внимателно размислуваат за тоа кој ќе биде папа – изјави за агенцијата АФП Барбара Мејсон, која допатувала од Канада специјално за изборот.
Таа додава дека популарниот кардинал Матео Зупи, познат по тоа што вози велосипед, би бил достоен избор.
Како што пренесува Индекс.хр, од извори во Ватикан се дознава дека ноќта пред вчерашното гласање најмногу се расправало за седуммина кардинали како можни папи, а меѓу нив не е Цупи, ниту довчерашниот фаворит – Филипинецот Луис Антониот Тагле, кого го викаат филипинскиот Франциск. Во изминатите денови, социјалните мрежи беа исполнети со видеа со овој кардинал како танцува и пее, со што, според коментарите, е фаворит на верниците. Но, меѓу седумтемина што се споменуваат како фаворити на кардиналите што учествуваат во конклавата е друг Филипинец – 66-годишниот Пабло Виргилио Давид, кого папата Франциск го именува за кардинал во декември лани. Иако се издвоени фаворитите, нема гаранција дека ќе победи кој било од нив, а како што пишува „Скај њуз“, првото гласање било важно за утврдување кој има поддршка, а кој не.
Во разговор за Би-би-си, црковната историчарка и професорка по средновековна историја на Универзитетот во Рединг, Ребека Рист, вели дека го очекува изборот на нов папа најдоцна в сабота.
– Мислам дека Црквата во моментов сфаќа дека мора да ги собере луѓето, дека тие не сакаат да гледаат дека е поделена. Затоа се сомневам дека ќе чекаат со одлуката по сабота – порача таа.