Канскиот филмски фестивал своето 79. издание го започнува вечерва (12 мај) со програма во која главно ќе бидат претставени  нови дела од некои од најпочитуваните автори на уметнички филмови во светот – Педро Алмодовар, Асгар Фархади, Павел Павликовски, Кристијан Мунџиу – но без ниту еден филм од големите хуливудски студија.

Фестивалот официјално ќе биде отворен со француската комедија „Електричниот бакнеж“ од Пјер Салвадори, а почесните Златни палми за животно дело ќе им бидат доделени на Питер Џексон и Барбара Стрејсенд.

По изданието во 2025 година, на кое имаше силно холивудско присуство годинава Ира Сакс ќе го претстави музичкиот фантастичен филм „Човекот што го сакам“, во кој глуми Рами Малек, додека Џејмс Греј доаѓа со „Хартиен тигар“, во кој глумат Скарлет Јохансон и Адам Драјвер.

Надвор од конкуренција, Џон Траволта го има своето режисерско деби со „Пропелер: Еднонасочен ноќен лет“, проект роден од љубовна врска со авијацијата, додека Енди Гарсија режира и глуми во крими-драмата „Дијамант“.

Оваа година, Кан става силен акцент на авторското, меѓународно кино. Двократниот добитник на Оскар, Фархади, се враќа со драмата „Паралелни приказни“ снимена во Париз, во која главните улоги ги играат Изабел Ипер, Катрин Денев и Винсент Касел.

Шпанскиот режисер Педро Алмодовар ја брка својата прва Златна палма со „Горчлива божиќна приказна“, за жена чиј партнер ја напушта за време на празниците. Тоа е неговиот седми филм во главната конкуренција во Кан.

Жирито за главната натпреварувачка програма го предводи јужнокорејскиот режисер Парк Чан-вук, познат по „Старецот“ и „Девојката“. Членовите на жирито се Деми Мур, Клои Жао, Стелан Скарсгард, Рут Нега и Пол Лаверти. Тие ќе одлучат за победникот на Златната палма меѓу 22-та филма во конкуренција, а Златната палма ќе биде доделена на 23 мај.

ИЗДВОЕНИ