Кандидатката за функцијата генерален секретар на Обединетите нации, Керолајн Родригес-Биркет, изјави дека, доколку биде избрана, е подготвена за директни разговори со Русија и Украина за да се дојде до мирно решение на конфликтот.
„Подготвена сум директно да стапам во контакт со претставниците на властите – било во Украина, било во Русија или во случај на кој било друг конфликт – со една цел: да придонесам за постигнување мир“, рече Родригес-Биркет за „РИА Новости“.
Според неа, генералниот секретар на ОН треба да биде неутрален посредник и не само да разговара со сите страни во конфликтот, туку и да настојува да го спречи неговото избивање.
Кандидатката од Гвајана, Родригес-Биркет, моментално води во трката за нов генерален секретар на ОН.
Во второто неофицијално гласање на членките на Советот за безбедност, нејзината кандидатура беше поддржана од осум од 15-те земји, додека нејзините најблиски конкуренти – кандидатката од Костарика, Ребека Гринспан, и генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси – добија по седум гласа.
Неофицијалните гласања им овозможуваат на членките на Советот за безбедност да го проценат нивото на поддршка за кандидатите пред изборот на еден номиниран кандидат.
Советот за безбедност треба да препорача кандидат за нов генерален секретар до Генералното собрание на ОН. Вториот мандат на Антонио Гутереш на чело на организацијата завршува на крајот од 2026 година.












