понеделник, ноември 9, 2026
Дома МАГАЗИН Каде е најевтиното да се скија во Европа? Речиси сите најповолни ски-центри...

Каде е најевтиното да се скија во Европа? Речиси сите најповолни ски-центри се наоѓаат во една земја

0

Девет од десетте најевтини европски ски-центри се наоѓаат во Франција, додека најскапите се лоцирани во Швајцарија, Италија и Австрија, се вели во новото истражување што опфаќа 265 ски-центри низ Европа.

Како што пренесува „Еуроњуз“, истражувањето на платформата за изнајмување сместување „Холиду“ (Holidu) покажува дека трошоците за скијачки одмор во сезоната 2026/2027 значително варираат, а престојот во најскапите центри може да чини повеќе од седум пати повеќе отколку во најевтините дестинации.

Најевтиниот ски-центар во Европа е „Рубион ле Бис“ (Roubion les Buisses) во Франција, каде што просечниот дневен трошок за сместување и ски-карта изнесува 40,50 евра по лице. Овој центар, кој се наоѓа на околу еден час возење од Ница, нуди 30 километри патеки, а дневната ски-карта чини 20 евра.

На второ место е францускиот центар „Реалон“ (Réallon), со просечен дневен трошок од 42,95 евра, додека третото место му припаѓа на „Грес ан Веркор“ (Gresse en Vercors) – исто така во Франција – каде што еден ден скијање и сместување чинат во просек 49 евра по лице.

Меѓу десетте најевтини дестинации, единствениот ски-центар што се наоѓа надвор од Франција е шпанскиот „Сиера де Бехар“ (Sierra de Béjar), кој е на петтото место со просечен дневен трошок од 53 евра. На листата се наоѓаат и француските центри „Ле Муртис“ (Le Mourtis), „Ланс ан Веркор“ (Lans en Vercors), „Ле Коле д’Алвар“ (Le Collet d’Allevard), „Шабанон“ (Chabanon), „Ајон-Маржеријаз“ (Aillons-Margériaz) и „Сен-Леже-ле-Мелез“ (Saint-Léger-les-Mélèzes), каде што просечните дневни трошоци се движат од 51,50 до 57,50 евра.

На другиот крај од скалата, најскапиот европски ски-центар е „Цермат“ (Zermatt) во Швајцарија, каде што просечниот дневен трошок за сместување и ски-карта изнесува 303,86 евра по лице. Оваа позната алпска дестинација, сместена во подножјето на Матерхорн, нуди 200 километри скијачки патеки. На второто место се наоѓа Кортина д’Ампецо во Италија – една од локациите домаќини на Зимските олимписки игри во 2026 година – со просечен дневен трошок од 290,50 евра.

Третото место му припаѓа на италијанскиот ски-центар Гичберг Јохтал (Gitschberg Jochtal), каде што престојот и скијањето чинат просечно 271,50 евра дневно.

Меѓу другите скапи дестинации спаѓаат Сент Мориц во Швајцарија, како и австриските ски-центри Обергургл-Хохгургл (Obergurgl-Hochgurgl), Ски Арлберг (Ski Arlberg), Хинтертукс (Hintertux) и Обертауерн (Obertauern).

Истражувањето опфати европски ски-центри со најмалку 20 километри скијачки патеки; цените беа пресметани врз основа на трошоците за сместување и еднодневните ски-билети за возрасни.

Анализата ги разгледа и високата сезона – од 21 до 27 декември 2026 година – и ниската сезона – од 22 до 28 март 2027 година. Конечното рангирање е утврдено врз основа на просечните дневни трошоци по лице во текот на двата периода.

ИЗДВОЕНИ