Името на Никола Јокиќ сè погласно се споменува во шпекулациите за можна голема НБА-размена, а сега во приказната се вклучи и еден од најголемите клубови во лигата – тимот на Голден стејт. Според угледниот американски новинар Џејк Фишер, тимот од Сан Франциско внимателно ја следи ситуацијата околу српскиот центар и се надева дека следното лето би можел да стане достапен.

„Воините“ на лето би можеле да располагаат со финансиски простор од 64 до 66,8 милиони долари, што им отвора можност да тргнат по голема ѕвезда. Целта на раководството е да му обезбеди на Стеф Кари соиграч со кој би можел повторно да се бори за шампионскиот прстен, а Јокиќ секако е едно од најатрактивните имиња на пазарот.

Фишер откри дека Голден стејт е меѓу клубовите кои се надеваат дека трикратниот МВП би можел да ја промени средината.

  • Голден стејт е еден од оние тимови кои ги тријат рацете и прашуваат дали сме сигурни дека Јокиќ нема да стане достапен следното лето. Тие веруваат дека можат да имаат доволно простор во буџетот за максимален договор, а тука е и Стеф Кари, откри американскиот новинар.

„Воините“ и претходно се обидуваа да доведат големи НБА-ѕвезди, меѓу кои Јанис Адетокумбо и Кевин Дурент, но не успеаја да ги реализираат своите планови. Сепак, во клубот веруваат дека повторно можат да бидат посакувана дестинација за најголемите имиња во лигата.

Сепак, постои една важна работа која ги става шпекулациите во поинаква перспектива. Јокиќ никогаш не ја криеше желбата да остане во Денвер и да ја заврши кариерата во дресот на Нагетс.

  • Мојата намера и мојата желба се да останам во Денвер. Најверојатно ќе потпишам договор следната година, а причината е чисто деловна. Сакам да останам и да играм во Денвер до крајот на кариерата, порача српскиот ас во август.

Засега нема потврда дека Денвер ќе го пушти својот најголем адут, ниту дека Јокиќ планира да замине. Но, доколку ситуацијата се промени, Голден стејт очигледно сака да биде меѓу првите клубови што ќе се обидат да го доведат најдобриот центар во светот.

ИЗДВОЕНИ