Јужнокорејската национална разузнавачка служба соопшти денеска дека се обидува да утврди дали севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун има постар син, иако проценува дека на чело на државата ќе го наследи неговата ќерка.
Службата сè уште се обидува да ја утврди таа информација, и покрај неодамнешните медиумски извештаи дека лидерот на Северна Кореја, кој го наследи својот татко Ким Џонг Ил на таа функција во 2011 година, нема син со сопругата Ри Сол Џу, како и дека, доколку сепак го има, тој не е во позиција да стане наследник.
Следниот лидер, односно лидерка, веројатно ќе биде ќерката на Ким, која наводно се вика Ким Џу Ае и има околу 13 години. Агенцијата наведе дека Ким Џонг Ун има и помладо дете, чиј пол не е познат.
Ким Џу Ае го придружува Ким Џонг Ун на државни настани од 2022 година, вклучувајќи лансирања на ракети и големи воени паради.
Државните медиуми наведоа дека таа е „најомиленото“ или „најпочитoваното“ дете на таткото и објавуваа снимки и фотографии кои сведочат за нивната блискост и нејзиниот политички углед.
Еден пратеник во јужнокорејскиот парламент во 2023 година изјави дека Националната разузнавачка служба го информирала собранискиот одбор дека Ким Џу Ае има постар брат, по што службата појасни дека сè уште се обидува да ги потврди тие извештаи.
Прашањето дали таа има постар брат е клучно во расправите надвор од земјата за потенцијалните планови за наследување на власта во Северна Кореја, поради длабоко вкоренетиот патријархален систем и власта во која доминираат мажи.
Од основањето во 1948 година, сите тројца лидери на Северна Кореја беа мажи од семејството Ким, пренесува Бета.












