Од училницата во Радовиш до европските фестивалски сцени, Илиќ гради свој препознатлив свет во кој уметноста е потрага по смислата, убавината и човечноста. Професорот по филозофија и член на Друштвото на писателите на Македонија, како што откривме во разговорот за весникот ВЕЧЕР, има зад себе две поетски книги, музички изданија, меѓународни награди и музика за наградуван документарен филм, а пред него се нови песни, албум и книга раскази

 

Поет, писател, кантавтор и професор по филозофија, Јовица Илиќ повеќе од две децении го гради својот препознатлив творечки свет во кој се среќаваат зборот, музиката, филозофијата и љубовта кон човекот. Од првите акорди на гитарата до меѓународните фестивалски сцени, од поетските книги до музиката за наградуван документарен филм… Неговиот пат е потврда дека уметноста може да биде начин на живеење и трага што ја остава човекот зад себе.

Роден е во Смедеревска Паланка, Србија, но работи и живее во Радовиш. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, а досега има објавено две поетски книги и две цеде-изданија објавени како сет – „Легитимна опсесија“ и „Разоружена страст“ во 2015, а три години подоцна и „Граници од Земја“, проследена со музичко издание. Неговите поезија, есеи и песни се објавувани во повеќе списанија во и надвор од земјата, а неговото творештво е преведувано на српски, словенечки, романски и на англиски јазик. Добитник е на повеќе признанија, меѓу кои на специјалната награда „Караман“ за необјавена поетска збирка во 2001, третата награда на „Софија сингер сонграјтер фест“ во 2018 година и специјалната повелба за најдобра изведба на фестивалот „Про поет Инџија“ во Србија. Има настапувано во Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Романија и во Словенија. Но, зад сите овие наслови, награди и настапи стои човек за кого уметноста не е само професија туку и начин на разбирање на светот.

Гитарата дојде пред поезијата

Љубовта кон музиката кај овој сестран уметник од кого многу може да се научи, почнала уште во детството.

– Музиката ѝ претходеше на поезијата, гитара почнав да учам во својата шеста година, додека љубовта кон литературата почна нешто подоцна. Таа некако природно водеше кон поезијата, бидејќи бев изненаден колку убави песни постојат и сакав и јас да напишам такви. Тоа беше во средно училиште – го открива Илиќ својот авторски пат за весникот ВЕЧЕР.

Неговиот избор да студира филозофија, пак, бил со намера да ја уреди потребата за естетика и смисла во еден свет на зборови што би имале не само форма туку и содржина. Токму затоа, вели, поезијата, филозофијата и гитарата кај него не постојат одделно.

– Ми се чини дека јас, поезијата, филозофијата и гитарата сме еден спој што е неразделно врзан и така дејствувам.

За Илиќ, инспирацијата не е случаен момент, туку резултат на долгогодишната работа, чувствителноста кон животот и способноста да се забележи она што, можеби, е незабележливо за другите.

– Во секој од нас постои нешто заедничко, тоа е оној универзален принцип на животот, зависи како ќе доловам одредена идеја и како ќе ја претставам – истакнува.

Додава дека, за него, не е пресудно дали е темата љубовта, човекот, неправдата или секојдневието. Важно е на кој начин ќе биде претворена таа тема во уметнички израз.

– Многу е поважно како ќе се пренесе тоа, дали ќе го содржи елементот на вистината. Впрочем, да си кантавтор, треба да си човек сведок на вистината – вели.

Тој не го гледа кантавторот како некој што мора да биде допадлив по секоја цена.

– Кантавторот не е трговец, тој создава стварност низ музиката и поезијата и, можеби, допадливоста во тој израз не е најважна, многу поважна е неговата истрајност во тој еден свет на суровост, беземпатичност, ароганција и позиција на моќ.

„Плен без реторика“ – песна што и денес го следи

Неговите песни понекогаш се раѓале од сосема обични ситуации: разговор меѓу пријателите, односот кон медиумите, чувството дека се прикрива вистината…

– Кај мене песните секогаш се раѓале како израз на моето најдлабоко себеоткривање, и сигурен сум во тоа – посочува Илиќ.

Песната „Плен без реторика“, снимена во 2015, а со спот реализирана во 2017 година, е дел од албумот „Разоружена страст“. Во неа Илиќ зборува за интелектуалната инфериорност, отсуството на естетика и за односот кон културата „за таа наша слабост пред содржините на животот без вредност“. Во песната се појавува девојка што го чита Борхес и Маркиз де Сад, лик преку кој авторот спротивставува една интелектуална и естетска љубопитност на едно време во кое се потиснати културните вредности. Иако поминаа години од нејзиното создавање, тој признава дека суштината на песната, за него, не исчезнала.

– Кај мене не се променило ништо значајно во тој поглед, јас сѐ уште имам чувство дека понекогаш сум „плен без реторика“.

Професор што ги учи учениците да „човекуваат“

Тој е истовремено и професор по филозофија, кој сака да ги научи учениците да „човекуваат“. Во училницата, Илиќ не сака да биде само пренесувач на знаење туку, пред сè, сака да изгради однос со учениците заснован на разговор, доверба и на пријателство.

– На моите ученици сакам да им оставам едно искрено пријателство. Тоа значи дека сакам да ги научам на разговор, да научат дека и најголемите тешкотии во животот стануваат помали ако се има пријател со кого да се сподели, но и најголемата радост е поголема радост кога ќе ја споделиме со пријателот – вели.

За него, филозофијата не е само училиштен предмет туку и поттик за природната љубопитност што се обидува да ја разбуди во нив, „тогаш искрено и јас учам од нив, генијални се учениците, тие се моја вечна инспирација“.

Посебна врска со учениците има и преку музиката. На крајот од учебната година знае да излезе во училишниот двор и да им свири на гитара.

– Редовно во мај и при крајот на учебната година, излегуваме во школскиот двор и им свирам. Понекогаш се изненадувам дека ги знаат моите песни – додава.

Во односот кон младите, неговата порака е едноставна и длабоко човечка: „Знам низ што сѐ минуваат тие и верувам дека, сепак, е најважно да научат да ‘човекуваат’“.

Радовиш – мал град со голема културна енергија

Илиќ го доживува Радовиш како средина со значајна книжевна традиција. „Карамановите поетски средби“, за него, се дел од културната меморија на градот, иако денес се одржуваат во поскромна форма. Верува дека малите средини не само што може туку и треба да бидат културни центри.

– Малите средини се големи центри за култура, јас го опеав тоа во мојата песна „Легитимна опсесија“, каде што во еден стих велам „…а сите големи работи доаѓаат од провинција исто како и Сена, што би рекол Превер, ја сум само легитимна опсесија во нестварен свет“.

За него, културата е мера за зрелоста на една заедница.

– Културата и уметноста се совеста на една заедница. Отворените заедници секогаш гледале прогрес во уметноста и во културата, затворените заедници секогаш ја маргинализирале културата.

Во тој дух, неодамна бил дел од организацискиот тим на меморијалната гитаријада во чест на неговиот пријател Никола Манасиев-Коки, врвен гитарист што прерано починал.

Поет со гитара или кантавтор со поезија?

За Илиќ, гитарата не е само инструмент. Таа е простор во кој текстот добива нов живот.

– И музиката е еден вид говор – вели тој.

А, во својата музичка традиција ги препознава големите кантавторски имиња – од Леонард Коен и Боб Дилан до Арсен Дедиќ, Драго Млинарец, Џони Штулиќ и Џон Ленон.

– Но, прво што добива песната со гитара е една нежност, една емоција што е неискажлива единствено низ говорот.

Шест години активно ги изучувал гитарата, нотите и класичната музика кај магистер Васко Пиличев во Струмица и иако активно се занимава со гитара, за себе вели:

– Јас се чувствувам како поет и во основа сум поет. Гитарата е моја станица каде што можам да бидам свој, да барам израз и да пренесам едно доживување и емотивен простор во кој текстот се открива како нов свет, ново копно, нова земја. Гитарата, вели, е негов стар пријател.

 

Наградите се важни, но луѓето се најголемото богатство

Од досегашниот творечки пат, особено му значи третата награда на „Софија сингер сонграјтер фест“ во 2018 година, каде што настапил со три свои композиции. Се сеќава и на средбата со македонскиот амбасадор во Бугарија, Маријан Ѓорчев, како и на дружењето со режисерот и сценарист Сашко Насев. Но, меѓународните настапи, за него, имаат и друга, можеби поважна димензија – пријателствата.

– Она што ме прави најсреќен е што по тој пат запознав прекрасни луѓе, вистински пријателства – вели Илиќ.

Особено му значи и музиката за документарниот филм „Путевима Ѓуре Јакшиќа“, кој ја освои третата награда на Фестивалот за документарни филмови во Чикаго.

Нови песни, нови проекти и „Приказни од Никуљане“

Илиќ не застанува. Во периодот што следува, ќе работи на музика за поезијата на професорката по филозофија и етика Дарија Рупчиќ. Од нејзините стихови подготвува рок-сингл со наслов „Гдје се раѓа љепота“, чија промоција ја очекува во октомври, во Осиек, Хрватска, во рамките на поетски фестивал. Паралелно работи и на подолгорочен проект со десет текста на новинарката и поетеса Неда Гавриќ од Бања Лука.

– Тоа е моја желба: да ги финализирам тие два проекти и да ги ставам во една прекрасна приказна што ќе остави трага во културата и воопшто во оценувањето на она што е вредно – додава Илиќ.

Во подготовка е и нов албум, овој пат со бенд, со кој сака да излезе од интимниот простор на соло гитарата и да отвори поширок музички простор.

– Имам и материјал за нов албум, кој сакам да го снимам со бенд, сакам да излезам од просторот на гитарата и да вклучам повеќе изведувачи, тоа се моите идни планови.

Но, можеби, најличен нов проект е книгата раскази „Приказни од Никуљане“, инспирирана од усните преданија и случувањата од кумановското село Никуљане, од каде што потекнува неговото семејство по таткова линија.

– Расказите се пишувани од усни преданија и секој расказ носи некоја народна мудрост. Таа фолклористика некако ме привлекува во последно време.

Првиот расказ од книгата, „Воцко“ веќе бил објавен во списанието „Стожер“ на Друштвото на писателите на Македонија.

Уметноста како начин да се направи светот подобар

Кога се подвлекува линијата под досегашниот творечки пат на Јовица Илиќ, останува впечатокот дека неговите професии, песни, книги, часови, фестивали и проекти се само различни лица на една иста потреба: да се трага по смислата и убавината.

– Мене денес ме води таа верба дека овој свет може да биде подобро место за живот, дека убавината може да го промени светот со креација, пред сè, со љубов и со посветеност на добри цели. Условите во кои создавам се исклучително тешки, како во делот на продукцијата така и во делот на финансирањето, но сѐ уште имам добра волја да одам по патот со полно срце и љубов – вели Илиќ.

А, токму во тоа, можеби, се содржи и наједноставниот одговор на прашањето што го движи овој поет, кантавтор и професор: љубовта кон зборот, музиката, луѓето и вербата дека создавањето, колку и да е тешко, секогаш има смисла кога остава нешто добро зад себе.

Даниела ТРАЈКОВСКА

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ