Илиевски, во големото финале, што се одржа викендов ја освои најголемата поддршка од публиката со над 50 илјади СМС- пораки, со што ѝ ја донесе четвртата победа на Македонија. Македонскиот триумф го надополни младата кавадарчанка Мирјана Митрева, која го освои второто место со гласовите од публиката, добивајќи околу 46.000 гласа    

Младиот 25-годишен Македонец Бојан Илиевски, со својот моќен глас и со извонредниот музички талент, е победник на годинашниот натпревар „Ѕвездите на Гранд“, големо регионално музичко шоу што има огромна популарност не само на просторот на поранешна Југославија туку и пошироко. Тој, во големото финале, што се одржа викендов, ја освои најголемата поддршка од публиката со над 50 илјади СМС- пораки, со што ѝ ја донесе четвртата победа на Македонија. Македонскиот триумф го надополни младата кавадарчанка Мирјана Митрева, која го освои второто место со гласовите од публиката, добивајќи околу 46.000 гласа. Третопласиран беше Саша Стојаковиќ од тимот на Цеца.

Инаку, талентираниот дваесет и петгодишен пејач од Скопје ја освои публиката со своите настапи на сцената, на која буквално ги оставаше својата душа и целата своја енергија. Во текот на оваа сезона, тој беше еден од најзабележителните кандидати, кои со своите настапи секогаш предизвикуваа позитивни реакции кај публиката и кај жири-комисијата.

Во финалето, Бојан Илиевски ја изведе моќната и емотивна песна на групата ДНК, „Ако утре ме нема“, во чест на трагично настраданите членови на бендот, кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а самиот настап предизвика длабоки емоции во студиото, во кое публиката буквално со солзи во очите го проследи неговото пеење.

Бурните емоции по прогласувањето за победник го совладаа, па бурниот аплауз го дочека на колена, облеан во солзи.

Неговата победа е уште еден доказ дека нашата земја има извонредни млади пејачи, кои буквално се на врвот на музичката сцена во регионот и пошироко.

Инаку, интересно е што Бојан Илиевски, според неговиот ментор Ѓорѓе Давид, сакал да се откаже уште во петтиот круг, но истрајал и на крајот триумфирал.

Неговиот живот воопшто не бил лесен. Зад успехот на Бојан, всушност, стои болна животна приказна. Овој млад пејач прерано се соочил со страшни предизвици. На неговиот татко му откриле тумор на мозокот, а ја загубил и својата мајка. Без двајцата родители, нeговото семејство се соочувало со многу лоша финансиска состојба. Единствена светлина и најголема животна поддршка му била неговата баба од страна на мајка му.

– Јас сум му баба. Тој нема ниту татко ниту мајка, јас сум му единствената поддршка во животот – изјави таа низ солзи, во текот на неговото прво појавување на сцената.

Разочаран од животот, тој во 2021 престанал да работи и тргнал по погрешен пат, влегувајќи во сериозни проблеми со коцкањето. Поради овој порок, тој за малку ќе се откажел од натпреварувањето во петтиот круг. Сепак, благодарение на ветувањето дадено на самиот себе и на менторот Ѓорѓе Давид, успеал да ги победи демоните од минатото. Во неговата тажна приказна, сепак, има и нишка светлина: токму поради својата голема храброст, тој успеал да заврши нижо и средно музичко образование, а студирал и на Музичката академија во Словенија.

Инаку, Бојан стана четвртиот Македонец што успеал да стигне до самиот врв на „Ѕвездите на Гранд“. Оваа престижна награда ја држеше во рацете и Ристе Ристески, кој е првиот Македонец што ја освоил оваа титула, во 2017 година. По него, во 2023 година следуваше уште еден голем успех со Славица Ангелова, која беше првата Македонка што победила во „Ѕвездите на Гранд“, во 2023, и лани Никола Станишиќ под менторство на Цеца Ражнатовиќ се искачи на првото место со убедливо водство, освојувајќи огромна поддршка од гласачите.

Дека Македонците отсекогаш важат за едни од најдобрите натпреварувачи докажа и дваесет и едногодишната кавадарчанка Мирјана Митрева. Таа ги освои сите симпатии на жирито, но и на публиката, која ја покажа својата наклонетост токму со големиот број гласови, кои ѝ го обезбедија високото второ место.

Инаку, Митрева има средно музичко училиште, свири пијано и гитара и има настапувано на голем број државни и меѓународни натпревари по пеење, од каде што се има вратено со  успеси и освоени награди. Својот музички и вокален талент Мирјана го пресликува во својата прва песна, „Вистина“, која ја промовираше лани, како прв чекор на домашната сцена.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, ѝ упати јавна честитка на Мирјана Митрева, во која напиша: „Мирјана со своите талент, посветеност и истрајност достојно ги претстави Кавадарци и Македонија, оставајќи силен впечаток кај публиката и кај стручната јавност. Овој успех не е само признание за нејзиниот извонреден музички талент туку и потврда дека кога веруваш во себе и вредно работиш, резултатите неизбежно доаѓаат“.

Фото: Принт скрин

ИЗДВОЕНИ