Нова трансплантација на срце од починат донор била успешно извршена во рамките на државниот клинички центар „Мајка Тереза“, неофицијално дознава ВЕЧЕР. Деталите на интервенцијата се уште не се познати, а Министерството за здравство веќе кусо соопшти дека трансплантираниот орган продолжил да функционира во новиот организам.
-Првото отчукување на трансплантираното срце – животот повторно избра да продолжи!… – се наведува во денешната објава на Министерството за здравство на нивната Фејсбук страница.
Неофицијалните извори наведуваат дека срцето било земено од младо починато лице кое настрадало во сообраќајна незгода на скопското подрачје. Освен срце, од донорот биле земени уште бубрег кој бил пресаден на друго лице кои имало потреба за ваква трансплантација. Биле земени и одредени коски кои ќе бидат искористени за некои подоцнежни трансплантации со оглед на тоа дека за таквите интервенции не е неопходно да се извршат во кус рок.
Навестување дека ќе следат трансплантации имаше вчера кога Министерството за здравство објави изрази на почит кон починатиот органодарител и јавна благодарност неговото семејство.
– Министерството за здравство изразува најдлабока благодарност до семејството на дарителот и признание до сите медицински тимови вклучени во овој сложен и благороден процес – беше наведено во вчерашната објава.
Правата трансплантација на срце во Македонија беше извршена во 2020 година, а досега с еизвршени повеќе такви интервенции. Во овој период околу 200 лица се на листата за трансплантации при што најмногу чекаат на пресадување на бубрег, а трисетина на пресадување на срце. (Б.Ѓ.)
Фото: Министерство за здравство












