Општина Вевчани, во изминатата година, реализирала повеќе инфраструктурни и комунални проекти, насочени кон подобрување на условите за живот и уредување на јавниот простор.
Од Општината информираат дека во патната инфраструктура, во соработка со Министерството за транспорт, биле обезбедени средства за целосна реконструкција на четири локални улици со вкупна должина од околу пет километри.
– Реконструирано е и уличното осветлување, при што се поставени подземна инсталација и нови канделабри – наведуваат општинските власти.
Во текот на годината се работело и на уредување на јавните површини, пешачките патеки и пристапните патишта, како и на изградба на бетонски канали за наводнување.
Во централното подрачје на Вевчани е обезбеден и бесплатен интернет преку проектот „Вај-фај за Западен Балкан“, реализиран во соработка со ГИЗ.
Инвестиции се реализирани и во туристичката инфраструктура. Реконструиран е дел од осветлувањето кај локалитетот „Вевчански извори“, а активностите за целосна реконструкција продолжуваат. Воедно, продолжи и одржувањето на манифестацијата „Вевчанско лето“, која е дел од културната и туристичката понуда на општината.
Со средства од општинскиот буџет е уреден и дворот на детската градинка. Работите опфатиле проширување на пристапната патека, изградба на потпорен ѕид, поплочување, обезбедување дополнителни паркинг-места, како и поставување нова ограда, клупи и канти за отпадоци.
Направени се инвестиции и во Јавното комунално претпријатие. Во соработка со Центарот за развој на Југозападниот плански регион се обезбедени специјална машина за одржување на канализацискиот систем и хидрауличен мини багер.
Дополнително, обезбедени се 850 канти за комунален отпад, со што секое домаќинство во општината добило бесплатна канта. Во рамките на регионалниот проект за управување со цврст отпад обезбедено е и специјално возило за собирање отпад.
Од Општина Вевчани најавуваат продолжување на инвестициите во инфраструктурата, комуналните услуги и туризмот, со цел подобрување на условите за живот на жителите.












