Неколку млади момчиња од Хрватска, меѓу кои и средношколци, во последните недели се соочија со судски постапки затоа што не се одѕвале на повиците за преглед со цел да се утврди нивната способност за служење воен рок.
Додека некои се казнети со парични износи, други се ослободени од обвиненијата бидејќи повикот не им бил уредно доставен.
Општинскиот суд во Чаковец му наредил на средношколец од Меѓумурје да плати 250 евра бидејќи не се појавил на прегледот и на психолошките тестирања. На судот го признал прекршокот, а бидејќи претходно не бил прекршочно казнуван, судот му одредил казна пониска од пропишаниот законски минимум, кој изнесува од 500 до 5.000 евра.
Слични случаи имало и во Загреб, каде што еден деветнаесетгодишник бил казнет со 120 евра и 30 евра судски трошоци бидејќи го преспал терминот за преглед. Истата казна му била изречена и на студент роден во 2007 година кој во својата одбрана го признал прекршокот. Момчето од Загреб, кое на судот изјавило дека никогаш го нема примено ниту потпишано повикот, било ослободено од обвиненијата.
Општинскиот суд во Вараждин го ослободил момчето кое на судот изјавило дека личниот повик не го примил бидејќи во тоа време работел во Германија. Тој изјавил дека е можно истиот да го презел некој од членовите на семејството. Било заклучено дека повикот не бил уредно врачен и момчето било ослободено од обвинението.
Хрватска неодамна го врати задолжителното служење воен рок за машките лица, откако регрутирањето беше укинато во 2008 година.












