На 16 април, во 19 часот, во просториите на Македонскиот КИЦ во Белград на Македонска 30, ќе биде отворена изложбата „Архивски документи“ од познатата македонска ликовна уметница Жанета Вангели. Овој ликовен концепт се остварува во соработка со Националната Галерија на Македонија од Скопје, претставувана од Маја Крстевска,кураторка на изложбата, која заедно со директорот на МКИЦ Васко Шутаров, заеднички ќе ја отворат изложбата пред белградската публика.
Изложбата „Архивски документи“ е прво самостојно претставување на Вангели пред српската публика и содржи 41 дело во техника принт на плексиглас и аудио материјали. Овој проект е поддржан од Министерството за култура и туризам, а белградската публика ќе може изложбата да ја погледа до 6 мај.
„Предизвик е да се пишува за ваква голема и значајна уметница, провокација е изборот од нејзиниот творечки, уметнички фундус да се преточи во соодветна приказна. Жанета Вангели, професорка и големо име на светската ликовна сцена, нѐ воведува во дел од архивските документи преку визуелната уметност, преточена во дигитална слика, фотографија, текст и звучна уметност“, пишува во рецензијата за изложбата кураторката Маја Крстевска.
Жанета Вангели е редовен професор на ФЛУ на катедрата за сликарство и мултидисциплинарни студии од 2008 година, а во 2003 година беше македонски претставник на Венециското биенале. Присутна е полни четири децении на македонската, европската и светската уметничка средина, а нејзините дела се изложувани на сите континенти, на групни и самостојни изложби.