Роберт Превост, кој го одбра името Лав XIV, e првиот американски папа во 2.000-годишната историја на Римокатоличката црква. Тој исто така е прв папа со перуанско државјанство, прв од редот на свети Августин, но и прв кој на верниците веднаш по изборот им се обрати со пишан говор. Се поставува прашањето дали со изборот на Американец за папа, можеби кардиналите имплицитно порачале дека постои и друг американски пат, зашто стадото на црквата е трипати побројно од населението во САД. Како и папата Франциск и тој е познат по работата со маргинализираните заедници, а во Ватикан е опишан како човек кој гради мостови меѓу народите и културите.
Новоизбраниот папа, кој го зеде името Лав XIV, вчера, ја почна својата официјална должност на чело на Римокатоличката црква, која има 1,4 милиони верници. Овој августински свештеник, кој важи за страстен љубител на христијанската историја и на математиката, изутрината во Сикстинската капела ја предводеше мисата со кардиналите, за време на која ја одржа првата проповед како папа.
-Додека денеска заедно славиме, ве повикувам да ги славиме чудата кои ги направи Господ и благословите кои и понатаму ги истура врз нас, рече тој, почнувајќи ја мисата на англиски јазик. Потоа им се обрати на кардиналите со зборовите „знам дека можам да сметам на секој од вас дека ќе одите со мене“.
Вториот ден од конклавата, во четвртокот, по четири гласања, од оџакот на Сикстинската капела, на радост на насобраните десетици илјади верници, излезе бел чад. Американецот Роберт Францис Превост е избран за нов папа. Ако неговиот претходник папата Франциск, кој почина минатиот месец, беше првиот латиноамерикански папа, Превост, кој го одбра името Лав XIV e првиот американски папа во 2.000-годишната историја на Римокатоличката црква. Таков избор малкумина очекуваа, но аналитичарите велат дека оваа ситуација, во која двајца американци имаат огромна моќ на светската сцена, едниот на политичката, другиот на духовната – е фасцинантна. Се поставува прашањето дали со изборот на Американец за папа можеби кардиналите имплицитно порачале дека постои и друг американски пат, зашто стадото на црквата е трипати побројно од населението во САД. Со оглед на тоа што папата Лав XIV беше близок до претходникот Франциск, веќе има очекување дека би имал слични ставови како него, иако, како што анализира Индекс.хр, ќе ги изразува помалку остро низ разните фази на својот понтификат. Веќе постојат контроверзии околу критиките на папата за Венс и Трамп на неговата платформа „Икс“. Но, Трамп и Венс меѓу првите му го честитаа изборот на Превост за папа. Папата доби честитки од речиси сите европски лидери, вклучувајќи ги и македонските челници.
Животната приказна и ставовите на Превост, сега папа Лав XIV, укажуваат на продолжување на реформистичкиот пат кој го почна папата Франциск. За време на своето прво обраќање пред собраните на плоштадот свети Петар, кои го дочекаа со овации, а некои и со развеани американски знамиња, тој рече: „Уште во ушите го слушаме слабиот, но секогаш храбар глас на папата Франциск, кој нè благослови. Обединети и рака под рака со Бога одиме заедно напред.“ Пораката за мир тој ја кажа на италијански и шпански, не споменувајќи ги САД. Како и папата Франциск и тој е познат по работата со маргинализираните заедници, а во Ватикан е опишан како човек кој гради мостови меѓу народите и културите. Познат е и по своите прогресивни ставови за миграцијата и социјалната правда, што ги покажал и на дело додека работел во Перу. Но, од друга страна, жртви на сексуално насилство и активисти го обвинуваат дека ги забошотувал случаите на злоставување додека бил поглавар на августинците во САД и бискуп во Перу.
Во биографија на папата Лав XIV стои дека е роден во 1955 година во Чикаго во семејство со шпанско и француско-италијанско потекло. Станал свештеник во 1982 година, откако неколку години претходно се приклучил на редот на свети Августин. Работел како американски мисионер во Перу. повеќе од 20 години, каде што бил и бискуп и добил перуанско државјанство. Во 2023 година доаѓа во Ватикан, каде што папата Франциск го поставил за префект на Дикастеријата за бискупи, која е клучно тело што управува со поставување на бискупи низ светот. Неколку месеци подоцна папата Франциск го именувал за кардинал. Со ваква биографија тој не е само прв папа роден во САД, туку е и прв папа со перуанско државјанство и прв од редот на свети Августин. Единствен е и по тоа што при обраќањето од балконот на базиликата „Свети Петар“ не зборуваше спонтано, како претходниците, туку говорот му беше напишан.
Името што го избира новиот папата обично ја навестува насоката по која ќе оди, а Роберт Превост е петнаесеттиот кој го избрал името Лав. Папата кој последен го користел тоа име во периодот од 1878 до 1903 година се залагал за правата на работниците и сигнализирал социјална посветеност на Црквата. Воопшто, папите кои го избрале името Лав оставиле длабока трага во историјата на Црквата почнувајќи од одбраната на Рим од напаѓачите, дефинирање на христијанската доктрина, иницирање реформи, навигација во расколите, до приспособување на модерноста.
Со избор на името Лав XIV, новиот папа можеби покажа во кој правец ќе биде неговото владеење во Црквата, но со изборот на традиционалната папска одежда покажа дека сака да биде папа со сопствен стил.