недела, јуни 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Истрагата за мазутот во ТЕЦ Неготино запрена, Јахоски и Капушевски без обвинение

Истрагата за мазутот во ТЕЦ Неготино запрена, Јахоски и Капушевски без обвинение

Обвинителството за оганизиран криминал не најде докази за криминал

881

Со одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да ја запре истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, без обвинение останаа и бизнисмените Асмир Јахоски и Ратко Капушевски, кои беа меѓу главните осомничени во предметот тежок 167 милиони евра.

Јахоски, сопственик на „Пуцко Петрол“ и син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски, во текот на истрагата беше во притвор под сомнение за перење пари и стекнување противправна имотна корист. Подоцна беше пуштен да се брани од слобода со гаранција вредна над два милиони евра, откако обвинителството се согласи притворот да биде заменет со мерки на претпазливост и депонирање значителен паричен износ.

Ратко Капушевски, сопственик на „РКМ“, во текот на целата постапка се бранеше од слобода.Неговата компанија беше во фокусот на истрагата поради сомнежите дека добивала милионски договори за снабдување со мазут за ТЕЦ Неготино во време на енергетската криза, иако, според првичните сомнежи, не ги исполнувала условите од јавните повици.

„Од прибраните докази не се утврди дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаа на товар, ниту е утврдено постоење на друго кривично дело што се гони по службена должност. Во текот на постапката беа анализирани обемна документација, финансиски извештаи, договори, вештачења и искази од сведоци, но доказите не го потврдија основаното сомнение врз кое беше отворена истрагата“, наведуваат од ОЈО ГОКК.

Предметот предизвика огромен јавен интерес и поради сомнежите дека за потребите на ТЕЦ Неготино бил користен мазут со сомнителен квалитет и високо ниво на сулфур. Еколошки организации и медиумски истражувања предупредуваа дека станува збор за гориво штетно за животната средина и здравјето на граѓаните.

Во текот на истрагата беа опфатени 13 лица, меѓу кои и поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, кој е во бегство, како и повеќе поранешни функционери и службени лица од енергетскиот сектор. И покрај првичните сомнежи за местење тендери, фиктивни договори и извлекување милионски суми, обвинителството сега оценува дека набавките биле реализирани согласно законските исклучоци што важеле за време на енергетската криза и дека не била предизвикана штета врз буџетот или ЕСМ.

„Од доказите произлезе дека постапките за набавка на мазут биле спроведувани во услови на прогласена енергетска криза и согласно законските исклучоци предвидени во Законот за јавни набавки, со цел обезбедување непречено производство на електрична енергија. Во постапката не е утврдено ниту дека со склучените договори и анекси била предизвикана штета на АД ЕСМ или на Буџетот на државата, а истрагата утврдила дека мазутот бил континуирано и навремено испорачуван“, стои во соопштението на обвинителството.

Во однос на сомнежите за перење пари, обвинителството утврдило дека средствата исплатени врз основа на договорите не потекнуваат од кривично дело, поради што финансиските трансакции, купувањето имот и префрлањето пари меѓу сметки не можат да се третираат како незаконско перење или прикривање на средства.

Со запирањето на истрагата, сите осомничени во предметот остануваат на слобода, а оштетеното правно лице има право на приговор до Вишото јавно обвинителство во рок од осум дена. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ