четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ Нова ера во истражување на вселената: Од Месечината до Марс – Артемис...

Нова ера во истражување на вселената: Од Месечината до Марс – Артемис 2 ја менува историјата

483
EPA/CRISTOBAL HERRERA-ULASHKEVICH

Најмоќната ракета на НАСА, „Спејс лаунч систем“, го осветли вечерното небо над Флорида, спектакуларно полетувајќи 38 минути по полноќ, во четвртокот. Четворицата астронаути во леталото „Орион“ тргнаа на 10-дневно патување околу Месечината, со задача да тестираат системи за идно слетување на луѓето на површината на Месечината и да постават темели за нова ера на истражување на длабоката вселена. Мисијата на НАСА, „Артемис 2“, не е само враќање кон Месечината туку е и клучна фаза во подготовките за освојување на Марс, каде што уште не може да се оди бидејќи нема технологија или доволно истражувања за тоа како да се одржат во живот луѓето за време на мисија што е до 200 пати подалеку од Месечината и вклучува изложеност на опасни нивоа на зрачење

По повеќе од половина век од последната мисија „Аполо“, со лансирањето на мисијата „Артемис 2“ од вселенскиот центар „Кенеди“ во Флорида, човештвото се враќа на Месечината. Најмоќната ракета на НАСА, „ Спејс лаунч систем“, го осветли вечерното небо над Флорида, спектакуларно полетувајќи 38 минути по полноќ, во четвртокот. Четворицата астронаути во леталото „Орион“ тргнаа на 10-дневно патување околу Месечината, со задача да тестираат системи за идно слетување на луѓето на површината на Месечината и да постават темели за нова ера на истражување на длабоката вселена. Иако нема да влезат во орбитата на Месечината, ниту ќе слетаат на нејзината површина, туку ќе бидат на растојание од 9.600 километри од неа, па ќе ја гледаат како кошаркарска топка, оваа мисија претставува пресвртница во обновените напори на НАСА да го прошири досегот на човештвото надвор од ниската Земјина орбита. Тие ќе прелетаат преку далечната страна на Месечината, ќе имаат можност да ја сликаат, но таму нема да имаат комуникација со земјата и ќе бидат исклучени 41 минута. Во историјата на човештвото, само 24 луѓе, членови на деветте мисии „Аполо“ од 1968 до 1972 година, ја виделе таа страна на Месечината. Петмина од нив сè уште живи и се постари од 90 години.

Екипажот на „Орион“ го сочинуваат астронаутите на НАСА – Рид Вајсман (командант), Виктор Гловер (пилот), Кристина Кох (специјалист за мисии) и Џереми Хансен, канадски астронаут (специјалист за мисии). Сите тројца астронаути на НАСА се искусни специјалисти за вселенски летови со долготрајни мисии до Меѓународната вселенска станица. Хансен е единствениот почетник и ќе стане првиот Канаѓанец што ќе лета во длабоката вселена.

Капсулата „Орион“ сега е безбедно во Земјината орбита, каде што тимовите за контрола на летот ги тестираат нејзините мотори, навигацијата и системите за поддршка на животот за да се осигурат дека сè функционира беспрекорно пред да ја пуштат на патување во длабоката вселена. Доколку сите тестови бидат успешни, леталото ќе забрза со активирање на главниот мотор на 5 минути и 45 секунди. Вселенското летало ќе орбитира околу Земјата до вториот ден од летот, а потоа ќе тргне на патот до Месечината, долг 240.000 милји.

Мисијата на НАСА, „Артемис 2“, не е само враќање кон Месечината туку е и клучна фаза во подготовките за освојување на Марс. Претставниците на агенцијата велат дека не може да се оди директно на Црвената планета бидејќи сè уште нема технологија или доволно истражувања за тоа како да се одржат во живот луѓето за време на мисија што е до 200 пати подалеку од Месечината и вклучува изложеност на опасни нивоа на зрачење, пишува Си-ен-ен. Па така, секоја технологија развиена за „Артемис 2“ има двојна намена – истражување на Месечината и подготовка за Марс. На пример, база на Месечината ќе служи како лабораторија за тестирање на нови системи за поддршка на животот и собирање ресурси во вселената.

За време на мисијата „Артемис 2“, вселенското летало „Орион“ ќе го тестира својот топлински штит при враќањето на Земјата со брзина од 11 километри во секунда, најголема досега. За мисиите на Марс, капсулите ќе мора да издржат уште поголеми брзини – околу 13 километри во секунда, што е 38 пати побрзо од звукот. Еден од клучните предизвици е заштитата на астронаутите од зрачење. На патот кон Месечината, изложеноста на честички со висока енергија од Сонцето е значително поголема отколку во орбитата на Земјата. Медицинските експерти на НАСА внимателно ги следат реакциите на астронаутите на овие услови со цел да развијат ефикасни заштитни мерки за идните мисии на Марс. Секој успех на Месечината нè доближува до моментот кога луѓето ќе стапнат на Црвената планета.

Астронаутите ќе користат тоалет вреден 25 милиони долaри

Четворицата астронаути носат специјални портокалови костуми со официјален назив „систем за преживување“, во кои можат да преживеат шест дена додека се враќаат на Земјата. Јаката боја е избрана за да бидат лесно воочливи во океанот. За време на десетдневното патување имаат на располагање 189 различни прехранбени производи, трајни и лесни за подготовка, како и десетина различни напивки, сосови, зачини, слатки. За разлика од членовите на мисиите „Аполо“, кои вршеле нужда во пластични кеси, астронаутите во „Орион“ имаат вистински тоалет со врата, вреден 23 милиони долари.

Заедно со астронаутите, кон Месечината патува и маскотата Рајз, што ја изработил ученик од второ одделение. Таа служи и како индикатор на бестежинска состојба и визуелно ќе им покаже кога ќе бидат во вселената.

ИЗДВОЕНИ