сабота, ноември 7, 2026
Дома СВЕТ Испратени закани за поставени бомби до повеќе телевизиски куќи низ Европа –...

Испратени закани за поставени бомби до повеќе телевизиски куќи низ Европа – неколкучасовен прекин во емитувањето програма во Ирска

19
Фото:пекселс

До телевизиски куќи низ Европа беа испратени закани за поставени бомби со пораката „времето истекува“, што доведе до евакуации и привремен прекин на емитувањето програма. Закани добија ирскиот јавен сервис RTE, британската телевизија „Скај“ (Sky), бугарската телевизија „Нова“ и други медиумски куќи. На локациите опфатени со заканите не беа пронајдени бомби.

„Сакаме целиот свет да дознае за нас, поради што еден од нашите оперативци постави експлозивна направа во вашата зграда“, се вели во една од електронските пораки добиени од „Нова“ (Nova) и РТЕ (RTE).

Во пораките исто така се наведува дека експлозивот ќе биде активиран за 45 минути.

Електронските пораки испратени до телевизиите РТЕ и „Нова“ биле потпишани со името Михаил Андропов, при што се тврди дека авторот е еден од водачите на групата одговорна за лажните дојави за бомби во авиони, кои се случија оваа недела.

„Но, ова е само почеток. Она што се случи оваа недела е само мал дел од она што ја очекува Европа во блиска иднина“, се вели во пораката.

Во меѓувреме, ирската влада предупреди на координирана кампања за вознемирување на јавноста преку лажни закани за бомби, насочени кон ирските медиуми. Се наведува дека ова е тесно поврзано со масовниот бран закани кон авионскиот сообраќај низ Европа.

„Заканите упатени кон медиумските организации се многу сериозни. Ваквите лажни закани предизвикуваат страв, вознемиреност и нарушување на секојдневниот живот и активностите на луѓето, а немаат апсолутно никаква позитивна цел. Сè уште не се знае кој стои зад овие закани, ниту дали станува збор за поединци или за организирана, односно координирана акција“, се вели во соопштението на ирската влада.

Владата исто така наведе дека ирската полиција, во соработка со одбранбените сили, како и со надлежните органи за сајбер-безбедност и воздушен сообраќај, работи на идентификување на одговорните лица.

Оттаму посочија и дека полицијата била свесна за ризикот од вакви закани, имајќи го предвид планирањето на настани за време на тековното претседавање на Ирска со Советот на Европската унија.

Предупредувањата до телевизиските станици уследија по серијата лажни дојави за бомби, кои во изминатите денови го нарушија воздушниот сообраќај низ Европа. Меѓу погодените летови беше и летот на „Ер Србија“ (Air Serbia) на релација Белград – Букурешт.

Авионите беа пренасочени кон други аеродроми, извршија принудни слетувања, а беа спроведени и безбедносни проверки, иако досега никој не е пронајден.

ИЗДВОЕНИ