Општина Центар го заокружува уредувањето со нова урбана опрема на просторот долж Градскиот ѕид.
Оттаму информираат дека деновиве активностите го опфатиле потегот од улицата „Македонија“ до Соборниот храм и внатрешниот простор кај „Агромеханика“.
– Во оваа фаза се поставени 48 клупи и 39 канти за отпадоци. Заедно со клупите поставени во првата фаза на пешачката патека на улицата „Даме Груев“ и кај Зеленото пазарче, вкупниот број изнесува 68 – соопштија од локалната самоуправа.
Велат дека клупите се со различен дизајн, стандарден и модерен, што придонесува за подинамичен и попријатен градски амбиент. Притоа, во исто време, граѓаните може да се одморат, да седнат, да поразговараат и да уживаат на отворено кога го дозволуваат временските услови тоа.
– Се стремиме улиците во Центар да добијат современ европски изглед, но и да ја задржат хуманата димензија. Да бидат места каде што ќе може секој да се одмори за момент, да земе здив и да помине пријатни моменти, а не само да протрча низ градот – изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Тој упати апел до граѓаните совесно да ја користат и чуваат новата урбана опрема.












