Граѓаните, компаниите и институциите се сè позадоволни од статистичките податоци и услугите што ги нуди Народната банка. Ова го покажуваат резултатите од двете анкети што Банката ги спроведе меѓу корисниците и доставувачите на статистички податоци. Анкетите се направени со цел да се провери колку се квалитетни, достапни и навремени статистичките информации, но и како може дополнително да се подобрат услугите.
Според резултатите, задоволството е поголемо отколку во претходните анкети спроведени во 2021 и 2013 година. Просечните оценки за различните сегменти се движат од 3,8 до 4,6, на скала од 1 до 5. Корисниците особено го пофалиле статистичкиот веб-портал НБСтат, редовното објавување на статистичките податоци и нивната лесна достапност. Најголем напредок е забележан кај оценката за квалитетот на статистичките податоци, која достигнала просечна оценка од 4,2.
Позитивни оценки дале и доставувачите на податоци. Тие сметаат дека постапките за доставување информации се едноставни, апликациите и обрасците се лесни за користење, а соработката со вработените во Дирекцијата за статистика е професионална и ефикасна.
Највисока оценка, 4,5, добила токму комуникацијата со вработените во Народната банка. Овој сегмент бележи постојан напредок во споредба со претходните анкети. И покрај добрите оценки, анкетата покажува дека има простор за дополнителни подобрувања. Испитаниците предлагаат појасни објаснувања на статистичките методологии, поедноставна терминологија, повеќе обуки и работилници, како и уште поголема дигитализација на процесите.
Од Народната банка велат дека редовната комуникација со корисниците и доставувачите на податоци останува клучна за понатамошно подобрување на квалитетот на официјалната статистика, зголемување на транспарентноста и зајакнување на довербата во статистичките информации.
Во анкетата учествувале околу 800 испитаници, меѓу кои граѓани, компании, банки и штедилници, финансиски институции, институции од јавната администрација, студенти, научници, медиуми, како и претставници на меѓународни и невладини организации.












