сабота, јуни 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Искри од исток, експлозија дома – уставните измени како фитил   

Искри од исток, експлозија дома – уставните измени како фитил   

337
Тензиите околу евроинтеграциите на земјава и односите со Бугарија повторно се издигнуваат, но главната битка се води на домашниот терен. Власта испраќа пораки за цврст став и без отстапки кога станува збор за идентитетските прашања, додека опозицијата возвраќа со обвинувања за застој во реформите и блокада на европскиот пат. Симболиката на 4 Мај и ликот на Гоце Делчев дополнително ја засилуваат реториката. Во сенка на спорот со официјална Софија, се продлабочува внатрешната политичка пресметка за иднината на државата

 

ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА СРЕДЕ ВЖЕШТЕН ПОЛИТИЧКИ ФРОНТ 

Политичкиот термометар повторно се искачува до точка на вриење во контекст на односите меѓу Македонија и Бугарија, но старите спорови и новите обвинувања отвораат фронт, пред сè, на домашната сцена. Власта и опозицијата со остро спротивставени позиции ја продлабочуваат дебатата за идентитетските прашања, евроинтеграциите и насоката во која се движи државата. Во таков наелектризиран амбиент, пораките добиваат дополнителна тежина, особено кога се испраќаат на симболични датуми. На одбележувањето на 4 Мај – годишнината од смртта на Гоце Делчев, премиерот Христијан Мицкоски упати остри пораки за односите со источниот сосед и за внатрешните политички позиции, ставајќи акцент на идентитетските прашања како клучна црвена линија во претстојните процеси. Мицкоски е јасен дека Владата нема да отстапи ниту милиметар од црвените линии за корените и македонскиот идентитет. Тој не очекува да се промени наративот од бугарска страна и покрај најавите за формирање стабилна влада сè додека, како што рече, во земјата има политички и општествени структури, кои се подготвени да коленичат пред бугарските власти.

– Во 21, век го негираат идентитетот на македонскиот великан, Гоце Делчев. Во 21 век, македонскиот народ сè уште се соочува со овие предизвици за кои не би требало да се соочува. За жал, наместо да се бориме за заедничка иднина, за подобра иднина, ние сè уште отвораме прашања од минатото и, за жал, некои од овие прашања со своите корени се во средниот век. Ако ме прашате за лично мислење, не очекувам воопшто да се промени атмосферата. Напротив, очекувам таа да се вжешти затоа што сè уште има структури, и политички и општeствени кај нас дома, кои се подготвени да коленичат пред бугарските власти и да бидат мекото ткиво на македонската надворешна политика. Сè додека има такви структури и сили, јас не очекувам промена на односот на нашиот источен сосед, рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања по панихидата одржана по повод 123-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев.

Тој потврди дека македонските власти се подготвени се на разговори со официјална Софија, но бараат тие да бидат аргументирани.

– Ние, како Влада, секогаш сме подготвени за билатерални разговори, да ги соочиме нашите аргументи и, се разбира, оние аргументи што ќе превладеат, ние сме подготвени да ги прифатиме, исто како што очекуваме и од спротивната страна да ги прифати, рече Мицкоски.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, пак, истакна дека никаде не слушнал Бугарија да го негира нашиот идентитет и тврди дека владите на СДСМ не направиле ништо што ги загрозува иднината и евроинтеграциите на државата.

– Се знае што треба да се направи со цел вистински да продолжи патот кон Европската Унија, а тоа се уставните измени, со кои ќе во Уставот се стават Бугарите, Хрватите итн., ама буквално ништо не е загрозено. Лага е на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски тоа што го кажува, поради тоа што не сака земјава да оди напред во Европа, не сака вистински реформи, сака да го контролира судството, да поставува свои, партиски судии и обвинители, да ги партизира сите институции. Не сака тука да доаѓа Европско обвинителство, да има независни обвинители, затоа што така треба да одговараат прво луѓето околу него, а потоа и тој самиот, рече Филипче по панихидата.

Тој го обвини премиерот дека ништо не прави две години, а сега зборува за реформи и праша дали ќе направи и уставни измени, кои, според него, се неопходни за напредок и за приближување кон европскиот пат. Опозицискиот лидер обвини и дека „владата на ВМРО додека се занимава со дефокус и црни кампањи, не дава одговор на суштинските прашања кои се од интерес на граѓаните“.

– Еве, Христијан Мицкоски најави дека до јуни ќе сме направиле некаков прогрес. Каков прогрес ќе направиме? Човекот што не направи ништо две години, сега ќе ги спровел сите реформи до крајот на јуни. Ќе ги направи ли уставните измени? Го прашавте ли дали ќе ги направи уставните измени, со цел ние навистина да бидеме, како што кажува тој, рамо до рамо, со Црна Гора, затоа што е јасно што треба да се направи, рече Филипче.

Филипче се послужи и со познатата реторика дека Мицкоски, како премиер, наместо да се грижи за граѓаните и за напредокот на државата, креира вештачки конфликти и создава лажни наративи.

– Зошто креира вештачки непријатели – Грците, Бугарите итн.? Тоа е начинот на кој владее, со својата пропаганда, со своите лажни вести, по принципот на Гебелс – обвини ги другите за тоа што самиот го правиш, направи таква поделба на граѓаните на патриоти и предавници и ти си спасителот, а всушност, ништо не се прави, за да можат да пљачкаат со мала група луѓе во заднината. Тоа е лажната пропаганда со која владее Христијан. Како дојде на власт? Ќе ја менуваше преговарачката рамка. Не е заинтересиран човекот за тоа. Ќе имаше одложено дејство на уставните измени. Сите му кажаа, и претходно дека не може, рече Филипче.

Спорот меѓу Македонија и Бугарија со години се врти околу прашањата за јазикот, историјата и идентитетот, кои Софија ги постави како услов во процесот на евроинтеграции. Бугарија го блокира отворањето на преговорите на земјава со Европска Унија, барајќи вклучување на бугарската заедница во Уставот и прифаќање на одредени историски позиции. Иако со т.н. француски предлог беше деблокиран процесот и земјата формално ги започна преговорите со Унијата, клучен услов за напредок остануваат уставните измени, што предизвикува длабоки политички поделби во земјава. Прашањата поврзани со личности како македонскиот великан, Гоце Делчев, дополнително ја усложнуваат атмосферата, бидејќи различните историски толкувања редовно предизвикуваат политички тензии и меѓусебни обвинувања. Во таков контекст, изјавите на политичките лидери, поврзани со идентитетот и европскиот пат, лесно стануваат дел од пошироката внатрешно-политичка пресметка. (В. С. Н.)

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ