Загрижени граѓани од населбата Точила во Прилеп барале помош од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ за да ги најдат своите маалски миленици, бидејќи едноставно исчезнале. Децата плачеле, нивните родители немале што да им кажат и никој не им кажувал каде се.
Од „Анима мунди“ сметаат дека се работи за чистење на одредена локација од, како што велат, мирни и познати кучиња, што, според нив, со сигурност отвора простор за прилив на нови, нестерилизирани кучиња, непознати на локалното население.
– Тие не се предмети, туку живи суштества способни да чувствуваат страв, болка и страдање и имаат право на хуман и законски третман. Лиска е мирно и социјализирано куче, сакано и чувано од граѓаните во населбата Точила. Според информациите и сведоштвата што ги добивме, таа била заловена на 17 септември 2026 година. Веднаш по заловувањето, отишле граѓани во прифатилиштето, со намера официјално да ја задомат, но таа не била таму – наведуваат од Здружението за заштита на животните.
Притоа, додаваат дека уште позагрижувачки е што, според граѓаните што лично биле во прифатилиштето, кафезите биле празни, иако во претходните денови било забележано заловување кучиња во Прилеп.
– Каде се кучињата? Кој ги заловил и каде се однесени? – прашуваат од „Анима мунди“ и ги повикуваат сите граѓани што биле сведоци на заловување илина транспорт на кучиња во Прилеп во текот на септември, а особено на 17 септември, да ги контактираат на [email protected], а доколку поседуваат фотографии, снимки од надзорни камери, видеозаписи или други информации, да им ги достават.
Од „Анима мунди“ велат дека веќе имаат сведоци што им се обратиле, но потенцираат дека им се потребни повеќе. Ги охрабруваат граѓаните да не молчат, бидејќи, како што оценуваат, секое сведоштво, фотографија или снимка може да биде важна за да се утврди што се случило точно и каде се однесени кучињата.
– Идентитетот на лицата што ќе ни достават информации нема јавно да го објавиме без нивна согласност – прецизираат од Здружението.
Здружението од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп побарало официјални информации и документација за активностите поврзани со заловување и транспорт на кучиња во периодот од 1 до 23 септември 2026 година, вклучително и евиденции за заловените кучиња, локациите и геокоординатите на заловување, приемот во прифатилиштето, ветеринарниот третман, задомувањето, враќањето на терен или друг исход. Особено бараат информации за Лиска, Душко, Светле, Симба, Белка, Поко, Ноли и за Шарка, како и одговор каде се наоѓаат тие денес.
– Секое куче со кое се постапува во рамките на системот за контрола на популацијата мора да биде третирано согласно со Законот за заштита и благосостојба на животните и со подзаконските прописи. Кучињата не може едноставно да исчезнат без евиденција за тоа каде се однесени и што се случило со нив – децидни се од „Анима мунди“.
Тие добиле информации дека дел од исчезнатите кучиња веќе биле стерилизирани и имале ушни маркички, а за некои добиле информации дека се во нечија сопственост и бараат надлежните институции да ги проверат.
Во меѓувреме, добиле информација дека Агенцијата за храна и ветеринарство извршила вонреден инспекциски надзор, поради што официјално побарале пристап до записникот и до целокупната документација од извршениот надзор. Потсетуваат дека при претходен вонреден инспекциски надзор во 2025 година, биле констатирани неправилности во работењето, биле наложени мерки за нивно отстранување и биле издадени прекршочни платни налози.
Затоа бараат АХВ темелно да ги провери сите расположливи службени евиденции и документација и да утврди дали биле заловени кучињата, кој ги заловил, дали и кога биле примени во прифатилиштето, каде биле транспортирани и каков бил нивниот конечен исход.
– Доколку се утврдат прекршувања на законските обврски, бараме да бидат преземени соодветни мерки и санкции кон одговорните лица – реагираат од „Анима мунди“.
До Здружението, исто така, стигнале информации дека при дел од активностите поврзани со заловувањето на кучињата биле присутни и полициски службеници. Поради тоа, до Министерството за внатрешни работи поднеле барање за пристап до информации од јавен карактер, со кое бараат да утврдат дали била полицијата службено ангажирана при заловување и/или транспорт на кучиња во Прилеп во периодот од 1 до 23 септември, а особено на 17 септември 2026 година, по чие барање била ангажирана, кому му асистирала и каква службена документација постои за тоа постапување.
„Анима мунди“ бара од градоначалникот на Општина Прилеп и од Општина Прилеп јавно да одговорат дали се запознаени со заловувањето на кучињата, кој го организирал и спровел, каде се однесени кучињата и каде се денес Лиска, Душко, Светле, Симба, Белка, Поко, Ноли, Шарка и другите исчезнати кучиња.
– Граѓаните на Прилеп имаат право да знаат што се случува со животните за кои се грижат со години. Нема да прифатиме десетици кучиња едноставно да исчезнат од улиците без одговор каде се однесени и што се случило со нив. Бараме целосно утврдување на фактите, транспарентност во постапувањето и одговорност доколку се утврди незаконско постапување. Кучињата не се предмети. Нивната судбина не може да биде тајна – заклучуваат од „Анима мунди“.
(А.П.)












