вторник, октомври 6, 2026
Дома СВЕТ Иран пресече: Преговорите со САД се бесмислени

Иран пресече: Преговорите со САД се бесмислени

30
EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека преговорите со Соединетите Држави се бесмислени, истакнувајќи дека Техеран истовремено се соочува со притисок, санкции и закани.

Пезешкијан ги даде овие изјави за време на средбата со ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан во Техеран, a неговата изјава беше пренесена од иранските државни медиуми.

„Преговорите се бесмислени со непријател кој врши секојдневни терористички акти, воведува санкции, врши притисок и упатува закани“, рече иранскиот претседател, пренесува Ројтерс.

Неговата изјава следи по соопштението на Иран дека добил одговор од Соединетите Држави во врска со својот „седумдневен план“. Техеран наведе дека одговорот моментално е предмет на внатрешна анализа, при што нагласи дека останува подготвен и за други сценарија доколку дипломатските напори не успеат да донесат мир.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи го претстави најновиот план за време на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Планот има за цел да го оконча конфликтот со САД и повторно да го отвори стратешки важниот теснец Oрмуз.

Според предлогот на Техеран, Соединетите Држави имаат рок од седум дена да исполнат низа услови.

Барањата вклучуваат прекин на сите воени активности и непријателства – вклучително и оние во Либан – укинување на поморската блокада на иранските пристаништа, отстранување на санкциите за извоз на иранска нафта и одмрзнување на милијарди долари ирански средства што се чуваат во странски банки.

Најновата порака на Пезешкијан укажува на тоа дека Техеран моментално не гледа простор за продолжување на преговорите под услови што ги смета за неприфатливи.

ИЗДВОЕНИ