Иран повторно ги истакна своите услови за повторно отворање на теснецот Хормуз откако американскиот претседател Доналд Трамп го отфрли нивниот предлог, пренесуваат светските агенции.
„Нашите услови се јасни и секој чекор кон повторно отворање на теснецот Ормуз зависи од исполнувањето на тие услови, нема да го промениме тој став“, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, како што пренесе иранската државна телевизија.
Аракчи додаде дека Иран никогаш не ја затворил вратата за дипломатија или преговори, но и дека не се откажал од своите права.
Во петокот Иран објави дека доставил предлог до САД за отворање на тој клучен теснец во рок од седум дена откако тие ќе го прифатат, но американскиот претседател Доналд Трамп го одби тоа.
Трамп вчера им изјави на новинарите при заминувањето од Белата куќа дека го „отфрла“ нивниот предлог, тврдејќи дека иранските лидери го сакаат тој договор бидејќи, како што истакна, „ја губат војната“.
Американскиот претседател вчера објави слика од теснецот Ормуз со порака „Теснецот на Трамп“, и тоа набрзо откако Иран предложи договор за отворање на тој пловен пат во рок од седум дена, под услов САД да исполнат одредени барања.
И покрај јавните изјави на Трамп, посредниците кои учествуваат во американско-иранските преговори официјално не пренеле дека САД го одбиваат планот, пренесува агенцијата Ројтерс.












