вторник, ноември 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ХПВ НЕ БИРА ПОЛ, РОДИТЕЛИТЕ СÈ УШТЕ ГИ ШТИТАТ САМО ЌЕРКИТЕ

ХПВ НЕ БИРА ПОЛ, РОДИТЕЛИТЕ СÈ УШТЕ ГИ ШТИТАТ САМО ЌЕРКИТЕ

15 ГОДИНИ ВАКЦИНА ПРОТИВ ХПВ, А ОПФАТОТ Е ЕДВАЈ 50%

1

По повеќе од 15 години од воведувањето на вакцината, опфатот е само 51,5 проценти, а над 8.200 деца не ги примиле двете дози. Родителите разменуваат информации за вакцинирање на ќерките, но машката вакцинација сè уште е табу-тема. „Со вакцинирање на двата пола се прекинува синџирот на пренесување на вирусот и се штити целата популација“, објаснува гинекологот Костадинка Ѓуровска

Пандорче Антеска

ХПВ-вакцината во Македонија е дел од имунизацискиот календар уште од 2009 година, но повеќе од деценија и пол подоцна, интересот за неа и понатаму е далеку од потребниот. Наместо опфатот да се приближува до потребните 95 проценти, само половина од целната популација ја примила целосната вакцинација. Дополнително, иако од 2024 година вакцината е достапна и за момчињата, во јавноста сè уште најчесто се зборува само за заштита на девојчињата. Во родителските групи се споделуваат потсетувања и препораки за вакцинирање на ќерките, додека за момчињата речиси и да нема разговор. Ваквата перцепција покажува дека свеста за хуманиот папилома вирус и неговите последици сè уште не е на потребното ниво. А вирусот не прави разлика меѓу половите.

Податоците на Институтот за јавно здравје ја потврдуваат слабата прифатеност на вакцинацијата. Во 2025 година, опфатот со две дози ХПВ-вакцина изнесувал 51,5 проценти, што е само мало подобрување во однос на 50,2 проценти во 2024 година. Просечниот опфат во периодот од 2020 до 2024 година изнесувал 47,5 проценти. Претходно, во 2023 година, бил достигнат опфат од 56,6 проценти, во 2022 година изнесувал 52 проценти, а во 2021 година паднал на само 35,5 проценти. Во апсолутни бројки, во 2025 година 8.224 деца од целната популација не биле опфатени со двете дози, од кои 4.638 се од подрачјето што го покрива Центарот за јавно здравје Скопје. Регионалните разлики се големи: најнизок опфат е регистриран во Охрид, само 9,9 проценти, додека во пет центри и нивни подрачни единици е евидентиран целосен опфат. И покрај воведувањето на вакцинацијата и кај момчињата, вкупниот резултат останува далеку од потребното ниво. Токму на 17 ноември, кога се одбележува Светскиот ден за елиминација на ракот на грлото на матката, медицинските аргументи повторно ја отвораат и темата за машката вакцинација. ХПВ не е само женски вирус, ниту вакцината е наменета исклучиво за заштита на девојчињата. И мажите се изложени на инфекцијата, а последиците може да бидат сериозни.

„Хуманиот папилома вирус не е само женски вирус. Тој ги инфицира и мажите и жените во речиси идентичен процент. Според светските епидемиолошки податоци, околу 80 до 90 проценти од сексуално активната популација во текот на животот доаѓа во контакт со овој вирус. Затоа вакцинацијата на момчињата има две клучни цели – директна заштита на нивното здравје и создавање колективен имунитет“, објаснува специјалистот гинеколог Костадинка Ѓуровска.

Таа посочува дека високоризичните типови на ХПВ, особено 16 и 18, се поврзани со појава на малигни заболувања и кај мажите. Станува збор за карциноми на орофаринксот, односно грлото и крајниците, како и карцином на анусот и пенисот. Други типови, особено 6 и 11, предизвикуваат генитални брадавици, кои можат да бидат упорни и да бараат подолготрајно лекување.

„Кај мажите проблемот е и во тоа што нема рутински скрининг-тест за ХПВ како што е ПАП-тестот кај жените. Многу често инфекцијата поминува без симптоми, па мажите можат да бидат носители и несвесно да го пренесуваат вирусот. Затоа е важно да не ја гледаме вакцинацијата како заштита само на еден пол. Кога ги вакцинираме и девојчињата и момчињата, го намалуваме ширењето на вирусот и ја зголемуваме заштитата на целата популација“, вели Ѓуровска.

Најдобрата заштита се постигнува кога вакцината се прима пред првиот сексуален контакт, односно пред организмот да дојде во допир со вирусот. Токму затоа вакцинацијата се спроведува на рана адолесцентна возраст, кога имунолошкиот одговор е особено силен. Но, пропуштањето на вакцината во детството не значи дека можноста за заштита е засекогаш изгубена. Според Ѓуровска, вакцинацијата може да има корист и кај повозрасните лица кои претходно не ја примиле. Дури и ако некој веќе имал сексуални односи или бил изложен на еден тип ХПВ, тоа не значи дека бил изложен на сите типови од кои штити деветвалентната вакцина.

„Вакцината е најефикасна кога се прима пред првиот сексуален контакт, идеално на возраст меѓу 9 и 14 години. Но, тоа не значи дека по 18-тата година веќе нема смисла да се разговара за вакцинација. Лицето можеби било изложено на еден тип на ХПВ, но не и на останатите типови од кои штити вакцината. Затоа и кај повозрасните лица може да постои корист од имунизацијата, во зависност од возраста и медицинските препораки“, објаснува докторката.

Во разговорите за ХПВ често се отвора и прашањето дали инфекцијата може да влијае врз плодноста. Ѓуровска посочува дека ова е област во која во последните години се спроведуваат бројни истражувања. Дел од студиите укажуваат на можна поврзаност меѓу присуството на вирусот во семената течност и промените во квалитетот на сперматозоидите.

„Истражувањата покажуваат дека присуството на ХПВ во семената течност може да биде поврзано со намалена подвижност на сперматозоидите, зголемена фрагментација на нивната ДНК и појава на антиспермални антитела. Овие промени можат да влијаат врз репродуктивниот потенцијал и да го отежнат зачнувањето. Сепак, ова е област во која научните сознанија сè уште се развиваат и не треба секоја инфекција со ХПВ да се изедначува со неплодност“, вели Ѓуровска.

Но, најголемата пречка за поголем опфат со вакцинацијата и натаму се предрасудите. Дел од родителите имаат страв од несакани реакции, а други погрешно ја поврзуваат вакцинацијата на 12-годишна возраст со поттикнување на рана сексуална активност. Според докторката, ваквите ставови се резултат на недоволна информираност, а не на медицински аргументи.

„Вакцинацијата не го менува сексуалното однесување на младите. Нејзината цел е да го заштити детето од вирус со кој може да дојде во контакт во иднина. Причината поради која вакцината се дава на рана возраст е биолошка и имунолошка – тогаш организмот создава силен имунолошки одговор, а заштитата се формира години пред евентуалната изложеност на вирусот. Родителите треба да разберат дека со оваа вакцина не носат одлука за сексуалниот живот на своето дете, туку одлука за неговото здравје и заштита од сериозни малигни заболувања“, нагласува Ѓуровска.

ХПВ-вакцината се користи во светот од 2006 година, а нејзината безбедност и ефикасност се следат низ долгогодишни клинички истражувања и здравствени програми. Докторката нагласува дека е неопходно лекарите, училиштата, институциите и медиумите заеднички да работат на информирањето на родителите, особено кога станува збор за машката вакцинација. Светската здравствена организација, пак, преку стратегијата 90-70-90 постави јасни цели за елиминација на ракот на грлото на матката како јавно-здравствен проблем. До 2030 година, целта е 90 проценти од девојчињата целосно да бидат вакцинирани против ХПВ до 15-годишна возраст, 70 проценти од жените да бидат опфатени со високопрецизен скрининг на 35 и 45 години, а 90 проценти од жените кај кои ќе бидат откриени преканцерозни промени или карцином да добијат соодветен третман. Вклучувањето на момчињата во вакцинацијата не е замена за овие цели, туку дополнителна мерка за намалување на циркулацијата на вирусот и спречување на ХПВ-поврзаните заболувања кај двата пола.

Повеќе од 15 години од воведувањето на вакцината, Македонија сè уште има работа на основната задача – да ги убеди родителите дека ХПВ не е само проблем на девојчињата. Потребни се повеќе информации, поголема доверба и јасна порака дека со вакцинацијата се спречуваат заболувања, а не се поттикнуваат ризици.

ИЗДВОЕНИ