Иран поднесе нов предлог за разговори со САД за прекин на војната и воспоставување траен мир, објави денес официјалната иранска новинска агенција IRNA.
„Исламската Република го достави текстот на својот последен предлог до Пакистан, посредникот во преговорите со САД, во четврток вечерта“, соопшти IRNA.
Агенцијата не даде детали, но глобалните цени на нафтата, кои нагло пораснаа откако Иран почна да го блокира Ормускиот теснец, паднаа по извештајот, објави Ројтерс.
Претходно, Иран, преку пакистански посредници, достави предлог до САД кој прво треба да ја реши кризата околу Ормускиот теснец и американската поморска блокада, додека нуклеарните преговори ќе бидат оставени за подоцнежна фаза.
Предлогот предвидува повторно отворање на теснецот под услови дефинирани од Техеран, како и продолжување на прекинот на огнот за подолг период или договор за траен крај на војната.
Сепак, американскиот државен секретар Марко Рубио ја отфрли таквата понуда како неприфатлива за САД и другите земји, оценувајќи дека со „отворање“ на Ормутскиот теснец Иран значи режим во кој бродовите би можеле да поминуваат само со координација и дозвола од Техеран. Рубио во интервју за „Фокс њуз“ рече дека Вашингтон не може да прифати систем во кој Иран одлучува кој ќе го користи овој стратешки воден пат, наведувајќи дека тоа се меѓународни води, пренесе „Фонет“.












