Сериозна загриженост се појави во светот на Формула 1 и Мото ГП, откако иранската новинска агенција „Фарс“ објави листа на потенцијални цели за одмазднички напади во случај на нова воена ескалација со САД или Израел. Меѓу наведените локации се наоѓаат и хотели во Катар и Обединетите Арапски Емирати во кои престојуваат членови на тркачките тимови.
Листата, наречена „Нулти час“, била објавена на 31 октомври и опфаќа објекти во осум земји од Блискиот Исток. Покрај хотелите, на неа се наоѓаат аеродроми, пристаништа, електрани и трговски центри. Сепак, важно е да се нагласи дека станува збор за потенцијални цели, а не за потврден план за напади.
Меѓу споменатите објекти во Доха се хотелите „Шератон гранд Доха“, „В Доха“, „Мариот Маркис сити центар Доха“, „ЏВ Мариот маркис сити центар Доха“ и „Шарк вилиџ и спа“, кои се поврзуваат со сместувањето на учесниците во тркачките викенди.
Ситуацијата е особено чувствителна поради претстојните натпреварувања. Големата награда на Катар во Мото ГП е закажана за 6 до 8 ноември, додека Формула 1 треба да гостува во Катар од 27 до 29 ноември, пред завршницата на сезоната во Абу Даби.
Загриженоста веќе предизвика конкретни последици. Јамаха одлучи фабричкиот тим и сателитскиот тим Прамак да не настапат во Катар, со што Фабио Квартараро, Алекс Ринс, Џек Милер и Топрак Разгатлиоглу останаа без можност за учество. Дополнително, 19 од 22 возачи во Мото ГП побарале дополнителни безбедносни гаранции.
Неизвесноста ја коментираше и Макс Верстапен, кој предупреди дека конечната одлука ќе зависи од развојот на ситуацијата и безбедносните гаранции што ќе ги добијат тимовите.
- Сега би можел да кажам дека сакам да одам таму, но не се знае дали тоа ќе важи и следната недела, бидејќи ситуацијата во регионот е сè уште нестабилна, изјави четирикратниот светски шампион.
Засега нема официјална најава за откажување на трките во Формула 1, но безбедносната состојба на Блискиот Исток може сериозно да ја загрози организацијата на последните натпреварувања од сезоната.











