Конор Мекгрегор подготвува голема промена во својата кариера и сè поизвесно е дека неговите денови во ММА се ближат кон крајот. Поранешниот УФЦ-шампион не планира целосно да се повлече од боречките спортови, туку размислува за нов предизвик – бокс без ракавици!

Ирската ѕвезда откри дека има сериозни планови по истекувањето на актуелниот договор со УФЦ, нагласувајќи дека токму борбите без ракавици се нешто што особено го привлекува. Мекгрегор во последните пет настапи забележа четири порази, па промената на спортот би можела да означи ново поглавје во неговата кариера.

  • Постои голема шанса. Навистина уживам во борбите без ракавици. Мислам дека во овој спорт не постои можност за здодевна борба. Исклучително е возбудлив, многу опасен и бара повеќе храброст, изјави Ирецот.

Тој дури најави дека по последниот настап, според актуелниот договор со УФЦ, ќе ги остави ракавиците во октагонот, но тоа нема да значи и крај на неговата боречка кариера.

Во меѓувреме, сè поголемо внимание привлекува можноста за уште една голема пресметка со Макс Холовеј. Мекгрегор веќе изрази желба за реванш, а како потенцијален термин ја посочи јули 2027 година.

Нивната прва пресметка се одржа во 2013 година, кога Ирецот славеше по судиска одлука. Сега, по повеќе од една деценија, двајцата би можеле повторно да влезат во октагонот и да го обноват старото ривалство.

Сепак, за реализација на овој спектакл ќе треба да се почека официјална потврда од УФЦ, но и целосно закрепнување на Мекгрегор од повредата на предните вкрстени лигаменти.

 

ИЗДВОЕНИ