| Дијаспората сака да биде партнер, а не само тема во политичките стратегии, вели директорот на ОМД за Македонија и Европа, Гордан Јорданов, во интервју за весникот ВЕЧЕР. Тој оценува дека новата Национална стратегија за соработка со дијаспората е позитивен сигнал, но дека нејзината вредност ќе се мери според конкретните резултати. Според него, најголемите предизвици остануваат бавната администрација, недоволната правна сигурност и слабата институционална координација. Без модерни програми и системска поддршка, предупредува Јорданов, постои ризик младите генерации во дијаспората постепено да ги изгубат јазикот, идентитетот и чувството на припадност |
Македонската дијаспора има огромен економски, интелектуален и професионален потенцијал, но за да се претвори тој потенцијал во вистинско партнерство, потребни се функционални институции, јасни процедури и доверба, оценува директорот на ОМД за Македонија и Европа, Гордан Јорданов. Во интервју за весникот ВЕЧЕР, тој зборува за новата Национална стратегија за соработка со дијаспората 2025 – 2030, за очекувањата од најавата дека 2026 ќе биде година на дијаспората, како и за предизвиците со кои се соочуваат Македонците ширум светот. Јорданов нагласува дека иселениците не бараат привилегии, туку систем што функционира – побрзи административни постапки, дигитални услуги и јасна комуникација со институциите. Истовремено, тој предупредува дека зачувувањето на македонскиот јазик и идентитет кај младите генерации бара современи програми, повеќе поврзување со татковината и континуирана соработка меѓу државата и организациите во дијаспората.
Владата презентираше нова Национална стратегија за соработка со дијаспората 2025 – 2030 година. Потенцираа дека ова не е Стратегија напишана зад затворени врати, туку во партнерство со институции, експерти, организации, професионалци и, најважно, дијаспората. Колку ОМД беше вклучена во нејзината изработка и дали сметате дека таа реално ги отсликува потребите на македонската дијаспора?
– ОМД целосно ја поддржува намерата што Владата и Министерството ја истакнаа, Стратегијата да биде резултат на поширок процес и партнерство со дијаспората. Во делот на нашето учество, ние доставувавме забелешки и предлози секогаш кога беше отворен простор за консултации, и продолжуваме да инсистираме процесот да биде што е можно потранспарентен и мерлив. Самата Стратегија поставува широка рамка и цели за системска соработка, и бара сериозни финансиски импликации кои во иднина ќе треба да бидат обезбедени од страна на министерствата.
Дали целосно ги отсликува потребите? Генерално да, но вистинскиот тест ќе биде како ќе се преточи во мерки, буџети, рокови и одговорност, а не само во визија на хартија. Како ОМД, ние секогаш сме подготвени да придонесеме кога станува збор за политики што ја засегаат дијаспората. Учествувавме во комуникации и доставувавме предлози, затоа што веруваме дека дијаспората не смее да биде само тема, туку партнер.
Самата стратегија е позитивен сигнал, таа покажува дека државата конечно сака системски пристап. Но искрено, стратегиите сами по себе не се доволни. Прашањето е: дали ова ќе се претвори во реални услуги, конкретни програми и мерливи резултати? Дијаспората сака да види дека нејзиниот глас навистина се слуша, не само во процесот на пишување, туку и во процесот на спроведување.
Кои се клучните слабости на досегашните политики кон дијаспората и дали новата стратегија нуди конкретни механизми за нивно надминување?
– Најголемата слабост во минатото беше што политиките кон дијаспората често беа децентрализирани, декларативни и емоционални, но не и функционални. Имаше многу добри намери, но малку континуитет и институционална меморија. Луѓето надвор од Македонија не бараат посебен третман, тие бараат систем што функционира. Да можат да добијат документ без месеци чекање. Да можат да инвестираат без да се соочат со многубројни сложени процедури и чекање на шалтери. Да добијат јасни информации и ефективна комуникација. Во Македонија има недостаток на „one-stop-shop” услуги за иселениците (документи, инвестиции, враќање) и слаба координација помеѓу самите институции.
Новата стратегија отвора простор за подобрување и ќе биде успешна само ако има конкретни механизми, буџет и институционална одговорност. Инаку, ризикуваме повторно да остане добра идеја без целосна реализација и што е најважно, да креира недоверба, затоа што луѓето не гледаа резултати.
Оваа стратегија е чекор напред затоа што барем ја признава дијаспората како стратешка мрежа и потреба за системски пристап. Но, мојата порака е јасна, не ни требаат уште документи, ни треба имплементација, со јасни индикатори на колку услуги се дигитализирани, колку процеси се скратени, колку инвестиции се реализирани, колку млади се вклучени.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека 2026 ќе биде година на дијаспората. Што конкретно треба да се случи за оваа најава да има суштинско, а не само симболично значење?
– Навистина може да се забележи дека 2026 година е година на дијаспората, затоа што таа атмосфера се чувствува низ македонската заедница во дијаспората. Сепак, оваа комуникација ќе мора да донесе видливи резултати, каде што грижата и средбите кои, за среќа, сè повеќе се дел од агендите на посета на кој било политички претставник на државата, ќе донесат решение на барањата на иселениците.
Затоа, секоја реформа што ќе донесе институционален механизам што работи секој ден, пакет конкретни олеснувања како што се дигитални услуги, признавање документи, побрзи постапки, даночни/царински јаснотии за повратници и инвеститори, како и вклучување на дијаспората во одлучување, не формално, туку преку структури што имаат тежина, ќе придонесат во добивање резултати што ќе се почувствуваат на терен. Дијаспората не сака само признание, таа сака партнерство. Ако 2026 биде година кога ќе се постават темелите на доверба, тогаш ќе има суштинско значење.
Често се зборува за економскиот потенцијал на дијаспората. Дали државата нуди доволно правна сигурност и институционална поддршка за да ги охрабри инвестициите и што најмногу ги обесхрабрува иселениците да инвестираат – правната сигурност, администрацијата, политичката нестабилност?
– Економскиот потенцијал на дијаспората е реален, но инвеститорот, без разлика дали е иселеник или странска компанија, бара 3 работи: правна сигурност, брза администрација и предвидлива политика.
Од мојата комуникација со иселениците, најмногу ги обесхрабрува комбинацијата од бавни и комплицирани административни процедури, перцепција за селективност и непредвидливост и политичка или институционална нестабилност.
Затоа решението е практично: „one-stop-shop“ за дијаспора инвеститори, јасни рокови, дигитални постапки и транспарентност. Само така ќе ја претвориме емоцијата кон татковината во одржливи инвестиции. Емоцијата кон татковината е силна. Но инвестициите не се прават од емоција, туку од доверба.
Она што најчесто го слушам од нашите луѓе надвор е: „Сакаме да инвестираме, но не секогаш важи пишаниот збор”.
Иако, владините обврзници осигуруваат големи инвестициски олеснувања за иселениците кои ќе покажат доказ за нивно иселување најмалку 5 години, најголемите предизвици се административните процедури, недоволната предвидливост и перцепцијата дека процесите можат да бидат комплицирани. Решението не е комплицирано, потребна е транспарентност, брза администрација и јасна комуникација. Ако државата покаже дека стои зад инвеститорите со конкретна институционална поддршка, интересот значително ќе се зголеми.
Без системска поддршка, втората или третата генерација иселеници почнува да го губи идентитетот
Како ја оценувате состојбата со изучувањето на македонскиот јазик и зачувувањето на националниот идентитет меѓу младите генерации во Европа, па и во прекуокеанските земји?
– Ова е едно од најчувствителните прашања. Во првата генерација, идентитетот се носи природно. Во втората или во третата генерација, ако нема системска поддршка, почнува да се губи. Затоа мораме да бидеме модерни во пристапот. Не можеме младите да ги поврземе само преку традиција туку и преку искуство, преку технологија, преку програми како „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia), каде што тие лично ја доживуваат земјата. Идентитетот се чува кога се создава чувство на припадност, а тоа бара континуирана работа и соработка меѓу државата и организациите. Состојбата е различна, има заедници што одлично ги чуваат јазикот и традицијата, но има и силен притисок на асимилација особено кај втората и третата генерација. Затоа пристапот мора да се модернизира: повеќе дигитални програми, современа културна дипломатија, и програми што ги врзуваат младите со Македонија преку искуство, не само преку носталгија.
Од 2023 г., ние како организација спроведовме онлајн настава по македонски јазик во сите временски зони, со цел да ги зацврстиме капацитетите и да дадеме можност на секого, каде и да се наоѓа, да го изучува македонскиот јазик. Досега имаме преку 200 ученици, а морам да нагласам и дека голем процент од нив не се Македонци.
Дали сметате дека дијаспората е доволно вклучена во процесите на донесување одлуки во Македонија, особено кога станува збор за прашања од национален интерес?
–Дијаспората, иако често се нуди за консултација, многу ретко е дел од структурирано донесување одлуки. Зборуваме за заедница која има огромен интелектуален, економски и професионален капацитет. Ако сакаме зрела демократија, мора да креираме механизми каде што гласот на дијаспората ќе има вистинска тежина, особено кога станува збор за прашања од национален интерес. Дијаспората најчесто се вклучува кога треба поддршка, промоција или инвестиции, но многу поретко кога се креираат политики. Ако сакаме зрела држава, треба структурирано вклучување: редовни консултации, тематски совети (економија, образование, култура, надворешна политика) и механизам што ги претвора предлозите во политики. Сепак, мораме да бидеме транспарентни дека, по прв пат, сега ќе започне регрутација на експерти од дијаспората кои ќе можат да им помогнат на посебни министерства во процесот на правење на реформи и адаптација на ЕУ-регулативите, со цел еднаш кога процесот ќе се деблокира, институциите да бидат во полна форма за спроведување на потребните промени.
Како планирате да ги проширите програмите како „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia)?
– „Родум од Македонија“ не е само патување, тоа е мост. Нашата визија е програмата да стане долгорочна платформа за поврзување: повеќе учесници, повеќе партнерства со институции и приватен сектор, и силна алумни мрежа што ќе остане активна и по завршувањето на програмата. Целта не е младите само да дојдат во Македонија, туку да останат поврзани со неа.
Сепак, целта на програмата е да се прошири и за повозрасните генерации кои не зависат од сезонските посети, туку низ целата година ќе имаат можност да ја посетуваат земјата и да им помагаат на приватниот и на јавниот сектор.
Кои се најчестите предизвици на Македонците низ Европа?

– Нашите луѓе низ светот се успешни, интегрирани и почитувани во средините во кои живеат и работат. Сепак, тие сакаат да останат поврзани со татковината и да чувствуваат дека се дел од една поширока национална приказна. Најчесто се споменуваат административни тешкотии поврзани со матични документи, пасоши и државјанства, недоволна конзуларна достапност и бавни процедури, предизвици околу образованието и изучувањето на мајчиниот јазик кај децата, како и потребата од поефикасна комуникација со институциите преку јасни информации и развиени дигитални услуги. Овие прашања не се нерешливи, напротив, тие се конкретни и достижни цели, но нивното надминување бара подобра организација, системска координација и јасна политичка волја.
На површината, станува збор за административни прашања: лични документи, конзуларни услуги, регулирање на правниот статус. Но зад овие конкретни проблеми се наоѓа и една подлабока потреба, потребата од навремена, јасна и човечка комуникација со институциите, како и потреба на дигитални механизми со цел да се избегне оптоварувањето на нашите државни службеници.
И по најбројниот повик што беше спроведен од страна на Министерството за надворешни работи и Агенција за Иселеништво, пораката од иселениците остана јасна и недвосмислена, најголемиот дел од нив ги посочуваат истите теми како клучни предизвици во секојдневната комуникација со државата.
Премиерот Христијан Мицкоски, на Форум посветен на повратниците во Владата ,јавно ги повика македонските иселеници да размислат за враќање и да придонесат кон развојот на земјата. Пројавуваат ли иселениците интерес за враќање?
– Да, постои интерес, особено кај луѓе кои веќе имаат изградена кариера и сакаат да придонесат. Но враќањето е сериозна одлука, особено кога станува збор за семејства. Сепак, луѓето не се враќаат само поради емоција, за да се зголеми интересот, потребни се економска, правна и институционална сигурност.
Ако државата создаде стабилни услови и предвидлива средина, многу повеќе луѓе ќе размислат за враќање. Повикот за враќање и придонес е важен сигнал, и премиерот јавно ги охрабри иселениците и повратниците да се вклучат во развојот на земјата.
Сепак, се соочуваме со еден нов бран населување од страна на Македонци по потекло, кои никогаш не живееле, ниту се родени во Македонија, но поради глобалните поместувања, решаваат да започнат нов животен пат во Македонија и да се соочат со секојдневните предизвици на државата.
Која е вашата порака до Владата за оваа година – што е најважниот чекор што треба веднаш да се преземе за да се зајакне довербата меѓу државата и дијаспората?
Најважниот чекор веднаш е функционален, мерлив систем за услуги и соработка со дијаспората, со јасна одговорност и рокови. Да не остане сè на декларации.
Мој предлог е Владата веднаш да воспостави централизирана институција која ќе ги услужува сите барања и предизвици на дијаспората со цел навремена координација и распознавање на квалитетите. Мислам дека се наоѓаме во историски момент кој за последен пат ќе може да ги обедини и добие интерес од страна на иселениците за помагање на процесот на развој за државата.
Довербата се гради со резултати и тоа е најсилната порака за 2026. Најважниот чекор сега е воспоставување функционален систем што ќе им служи на луѓето, брзи услуги, јасни процедури и редовен дијалог со дијаспората. Дијаспората не бара привилегии. Таа бара партнерство. И ако го изградиме тоа партнерство на транспарентност и резултати, тогаш навистина можеме да зборуваме за нова фаза во односите меѓу државата и македонската дијаспора.
Виолета СТОИМЕНОВА-НАУМОСКА
Фото: Ѕвонко ПЛАВЕВСКИ












