Детскиот културен центар „Карпош“, со поддршка на Град Скопје, организира натпревар на изворни и на класични инструменти „Инструментите на моите предци“.
Натпреварот ќе се одржи в сабота, во големата сала на ДКЦ „Карпош“, со почеток во 9:30 часот.
– Македонските традиционални инструменти се клучни за богатата музичка култура, вклучувајќи ги дувачките инструменти како кавал, гајда, зурла и дудук, како и жичените инструменти како тамбура, ќемане и гусла. Тие се често придружени со ритмички инструменти како тапан, дајре и тарабука, создавајќи автентичен звук, кој се пренесува со генерации – соопштија од ДКЦ „Карпош“.
Стручна жири-комисија составена од еминентни музички педагози и уметници ќе ги оценува настапите според уметничкиот израз, техничката подготвеност и автентичноста на изведбата.
За најуспешниот натпреварувач е предвидена престижната гран-при награда, како највисоко признание на манифестацијата.
– Настанот има цел да го поттикне и афирмира музичкото творештво кај младите, како и да ги негува традицијата и културното наследство преку изведба на изворни и класични музички дела. Натпреварите ќе се одвиваат во неколку категории, со учество на талентирани млади музичари на различна возраст – наведуваат организаторите.
Тие ги покануваат сите љубители на музиката и на културата да присуствуваат и да ги поддржат младите таленти во нивната уметничка изразност.












