Со длабока емоција, раскошен звук и врвна интерпретација, во црквата „Света Софија“ беше одбележана традиционалната Вечер на Европската Унија во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Под наслов „Последната роза на летото“, публиката вчеравечер имаше можност да ужива во извонредниот концерт на ирскиот виолинист Дејвид Тобин, пијанистот Фингин Колинс од Ирска и на унгарско-ирската флејтистка Јохана Кезеи.

Прекрасниот амбиент на „Света Софија“ дополнително ја збогати музичката приказна, во која се испреплетоа раскошните тонови на виолината, пијаното и на флејтата. Изведбите на делата од Елгар, Рајнеке, Џон Филд, Чајковски и од Вилијам Винсент Волас донесоа различни музички светови, обединети во една впечатлива и емотивна целина.

Посебно место во програмата имаше делото „Фантазија и варијации на тема ‘Последна роза на летото’“ од Волас, кое со своите нежност и виртуозност беше своевидна музичка круна на вечерта.

Публиката со бурни аплаузи ги награди извонредните уметници, кои приредија уште една незаборавна фестивалска вечер под сводовите на „Света Софија“.

Вечерта на Европската Унија се одржува деветнаесетта година по ред на фестивалот „Охридско лето“, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, потврдувајќи ја силната поврзаност меѓу европската култура и уметноста што „Охридско лето“ традиционално ја негува.

– Особено сме горди што ЕУ-вечерта веќе деветнаесет години е дел од традицијата на „Охридско лето“. Преку ова партнерство, Европската Унија континуирано ја поддржува културната размена, ја промовира европската уметност и ги зајакнува врските меѓу Европската Унија и С. Македонија – рече заменик-амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау.

Пред фестивалската публика, тој истакна дека културата отсекогаш била мост што ги поврзува луѓето, ги надминува границите и нè потсетува на вредностите што нè обединуваат.

 

 Вечер на барокна музика со Созовска и Костов

Во црквата „Света Софија“ во Охрид утревечер (11 август) во 21 часот ќе биде одржан концерт на барокна музика со Цветанка Созовска на чембало и со Владимир Костов на виолина.

Пред присутната публика ќе бидат изведени делата на Бонпорти, Бах, Вивалди, Зографски, Верачини, Скарлати и на Бибер.

Цветанка Созовска живее и работи во Хаг повеќе од 20 години, каде што е корепетитор на чембало на Одделот за историска изведба при Конзерваториумот во Утрехт, Холандија. Во тој град, таа е професор по чембало во Утрешкиот центар за уметности. Повеќе од 15 години е и професор по пијано во музичкиот оддел при Интернационалното училиште на Хаг.

Владимир Костов, пак, работи како концерт-мајстор во Македонската филхармонија и како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

 

ИЗДВОЕНИ