Од почетокот на 2026 година, годишната стапка на инфлација следи надолна патека и во февруари се сведе на 2,9 %, во согласност со очекувањата на Народната банка, при посилно забавување на цените кај базичната компонента.

– Сепак, поради воените случувања и прекинот во снабдувањето со енергенти од земјите од Заливот, очекувањата за дел од увозните цени, пред сѐ, за цените на нафтата, се ревидирани поизразено во нагорна насока во однос на октомвриските проекции, што претставува нагорен ризик за инфлацијата во следниот период – нотира Советот на Народната банка.

Движењата остварени кај главните макроекономски показатели засега се во рамките на очекувањата според последните проекции, но со нагласени ризици поради неизвесноста од интензитетот и времетраењето на конфликтот на Блискиот Исток.

– Досега се покажа дека домашната економија е, главно, отпорна на неизвесното и променливо надворешно окружување и во 2025 година забележа забрзан економски пораст, што се должи на домашната инвестициска активност, но и на солидниот извоз, а остварувањата се во согласност со проекциите – велат од НБ.

Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2026 година засега не се доволни за попрецизни согледувања, имајќи ги предвид само јануарските податоци за индустријата и за прометот во трговијата, кои засега бележат послаби остварувања на годишна основа.

– Девизните резерви бележат пораст од почетокот годината и се одржуваат на соодветното ниво. Во однос на монетарниот сегмент, порастот на депозитите и кредитите, заклучно со февруари, е солиден и е умерено над очекувањата за првиот квартал од годината – нагласуваат од НБ.

Советот оцени дека макроекономската состојба засега е стабилна и во согласност со последните проекции, но Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на надворешното окружување и на потенцијалните ризици од светските и регионалните настани, заради одржување на макроекономската стабилност.

Според гувернерот Трајко Славески, се води претпазлива монетарна политика во услови на светска неизвесност и засилени ризици од надворешното окружување.

– Енергетските шокови веќе се одразуваат врз цените, особено кај нафтените деривати, со постепено прелевање и во останатите сектори, што создава ризици за инфлацијата – вели гувернерот и посочува дека иако претходно постоеле услови за постепена нормализација, особено со оглед на намалувањето на инфлацијата којашто во февруари се спушти на 2,9%, новите светски ризици наметнуваат повнимателен пристап и будност во водењето на политиките.

Тој вели дека банкарскиот систем и натаму е стабилен и отпорен, со високо ниво на капитална адекватност, ликвидност и профитабилност, а довербата на граѓаните и компаниите се потврдува преку постојаниот раст на депозитите, дури и во услови на зголемена неизвесност.

– Истовремено, стабилноста на домашната валута и солидното ниво на девизните резерви обезбедуваат дополнителна сигурност и можност за интервенција доколку е потребно – нагласува Славески.

ИЗДВОЕНИ