Карлос Саинц откри дека бил шокиран од неверојатно деталната анализа што ја направил Ферари за неговите перформанси пред да го ангажира за сезоната 2021.
Шпанецот пристигна во Маранело по две сезони во Мекларен, а тимот претходно детално ги анализирал неговите настапи во претходните шест години.
Саинц откри дека тогашниот шеф Матија Биното и спортскиот директор Лоран Макис му презентирале цел документ со споредба со неговите поранешни соиграчи.
- Бев шокиран од тоа колку многу знаеја – откри Саинц.
Ферари ги анализирал неговите перформанси во различни услови – на суво, на дожд, при премин од суво на влажно, како и во квалификациите. Особено го импресионирало тоа што тимот ги идентификувал и слабостите на кои требало да работи.
- Ми покажаа статистика за работите за кои и самиот знаев дека треба да се подобрам – раскажа Шпанецот.
Тој бил еден од кандидатите за местото на Себастијан Фетел, а Ферари на крајот се одлучил токму за него, пред Даниел Рикардо и другите конкуренти.
Шпанецот помина четири сезони во легендарниот италијански тим и имаше еден од најуспешните периоди во кариерата. Тој смета дека токму деталната анализа на неговите перформанси му помогнала на Ферари да сфати дека е вистинскиот избор за тимот.











