Нови сигнали пристигнуваат од Владата во контекст на засилените инфраструктурни амбиции, овој пат за проектот „брза пруга“ кој според најавите на премиерот Христијан Мицкоски, постепено влегува во понапредна фаза на реализација. Премиерот рече дека Владата веќе располага со „необврзувачка индикативна понуда од потенцијален понудувач“ на повикот за финансиер на овој стратешки проект. Според него, станува збор за важен чекор напред во процесот, кој досега главно се одвиваше на ниво на студии и подготовки.
– Продолжуваме со реализација на проектот „брза пруга“ на Коридор 10. Физибилити студијата е веќе при крај, и студијата за влијание врз животната средина е исто така при крај.Министерството за финансии веќе објави повик – имаме необврзувачка индикативна понуда од потенцијален понудувач и се разбира треба да ги потврдат условите што ги дадоа тогаш и ако биде се’ како што треба, очекувам на почетокот на следната година да почне реализацијата – изјави Мицкоски.
Според него, изработките на физибилити студијата и на еколошката анализа се очекува да завршат во текот на летните месеци, по што ќе следува нивна ревизија – законски процес што трае околу 270 дена. Дури потоа, институциите ќе можат влезат во фаза на потпишување на договор со потенцијалниот финансиер.
Идејата за брза железничка линија на Коридорот 10 не е нова. Таа се провлекува низ повеќе владини програми во изминатата деценија, често претставувана како дел од пошироката стратегија за подобрување на регионалната поврзаност и интеграција со европските транспортни мрежи. Коридорот 10, кој ја поврзува Централна Европа со Грција, има особено значење за товарниот и патничкиот сообраќај, но реализацијата на модерна железничка инфраструктура на оваа траса досега беше ограничена од финансиски и административни предизвици.
Во различни фази, проектот беше најавуван како можност за движење на возови со брзина над 160 километри на час, со значително скратување на времето на патување низ земјата.
Покрај Коридорот 10, Владата продолжува со активности и на Коридор 8, кој има стратешка улога во поврзувањето на Јадранското и Црното Море. Мицкоски најави дека железничкиот дел од овој коридор се реализира со „несмалена динамика“, со цел до 2029 година да се заокружат клучните делници – вклучително и пругата кон Бугарија и модернизацијата на линијата Скопје–Кичево. Тој потсети дека првата делница кон источната граница е веќе во функција, дека е пробиен последниот тунел од втората делница, а за третата се очекува распишување тендер за избор на изведувач. Паралелно, во тек се и разговори со Европска комисија, при што дел од средствата за модернизација се обезбедени преку Планот за раст на Европската унија за Западен Балкан.
(С.Бл.)












