– Иконостасот во црквата „Свето благовештение“ во Прилеп не е само извонредно резбарско дело туку и единствен духовен и уметнички ансамбл што ја раскажува христијанската порака преку јазикот на уметноста – вели Мимоза Христоска, директорка на Заводот и музеј Прилеп, институција што ја реализираше во изминатиов период најобемната фаза од конзерваторско-реставраторските работи, со која иконостасот доби заштита каква што заслужува
Едно од најрепрезентативните дела на македонската сакрална уметност, монументалниот иконостас во црквата „Свето благовештение“ во Прилеп, со успешното реализирање на најобемната фаза од конзерваторско-реставраторските работи, доби заштита каква што заслужува. Станува збор за исклучително значаен проект на Заводот и музеј Прилеп со кој се обезбедува долгорочно зачувување на ремек-делото со импресивни димензии од околу 17 метри должина и 6 метри височина, изработено од ореово дрво, кое речиси два века восхитува со својата раскошна убавина и со извонредната уметничка изведба.
– Иконостасот во црквата „Свето благовештение“ претставува едно од најрепрезентативните дела на мијачката (дебарската) копаничарска школа и се вбројува меѓу најзначајните резбани иконостаси од XIX век во Македонија. Неговата особеност не произлегува само од монументалните димензии туку, пред сè, од извонредниот квалитет на резбата, богатата композиција и од сложената богословска симболика. Во орнаменталната декорација доминира големата разновидност на мотиви, а повторувањата се сведени на минимум, што сведочи за исклучителните креативност и мајсторство на резбарите. Во ова дело се обединети архитектурата, дрворезбарството и иконописот во единствена уметничка и духовна целина, што му дава особено место во македонската сакрална уметност – вели за весникот ВЕЧЕР Мимоза Христоска, директорка на НУ Завод и музеј Прилеп.

Како непроценливо национално богатство, тој не е само дрворезбарско ремек-дело туку и споменик што ја раскажува историјата на нашите духовност, вера и уметничка традиција.
– Иконостасот се изработувал во текот на неколку години, по изградбата на храмот, во периодот околу средината на XIX век. Според достапните историски податоци, на неговата изработка работела тајфата на прочуениот мијачки копаничар Петре Филиповски-Гарката, заедно со повеќемина искусни мајстори и помошници. Ваквите монументални иконостаси биле резултат на тимска работа, која барала врвна организација, техничка умешност и големо искуство. Во јавноста постојат преданија дека Петре Гарката оставил свој скриен потпис во резбата, но нема научно потврдени докази за тоа. Неговиот вистински „потпис“ е препознатливиот стил на резба, богатата пластика и извонредната обработка на секој поединечен детаљ, по што и денес е препознатлива неговата тајфа – истакнува Христоска.
Симболите на иконостасот
Симболите на иконостасот, пак, имаат длабоко христијанско значење и, како што посочува Христоска, резбата на иконостасот претставува внимателно осмислен симболичен јазик.
– Лозата ги симболизира Христос и духовното единство на Црквата, додека гроздовите упатуваат на светата евхаристија. Паунот е симбол на воскресението и вечниот живот, орелот на духовното воздигнување, мудроста и евангелската порака, а лавот ги претставува Христовата сила и победата над смртта. Цветните и растителните мотиви ги симболизираат обновената Божја творба и рајската градина. Сите овие претстави не се случаен украс, туку носат богословска порака и го претвораат иконостасот во своевидна библија во дрво, преку која верниците ја препознаваат суштината на христијанската вера – објаснува Христоска.
Особено интересно е што, според податоците за неговата изработка, резбарските делови биле работени во куќата на браќата Мисиркови, а потоа биле пренесени и составени во црквата. Зад секое вредно дело како ова постојат и бројни легенди, кои ја разгоруваат фантазијата на секој оној што ќе ја посети црквата и ќе го види делото пред себе, па нашиот интерес беше и во таа насока – дали се поврзани некои од нив со изградбата на црквата или со самиот иконостас.
– Како и за многу значајни сакрални споменици, и за црквата „Свето благовештение“ и нејзиниот иконостас се зачувани повеќе локални преданија. Најпознати се приказните за исклучителната умешност на мијачките мајстори и за верувањето дека оставиле скриени пораки или симболи во резбата. Иако не се научно потврдени, овие преданија се дел од живото народно паметење и сведочат за восхитот што го предизвикувало ова ремек-дело со генерации. Самото постоење на таквите легенди зборува за неговото особено место во духовниот и културниот живот на Прилеп – вели директорката Христоска.
А доколку треба да им се покажат на посетителите само три детали од иконостасот што не смее да се пропуштат, Христоска вели дека најнапред би ги издвоила царските двери, кои претставуваат врвно достигнување на мијачката копаничарска уметност и имаат особено значење во православната литургија.

– Вториот впечатлив елемент е монументалниот крст со распетието, кој ја заокружува богословската порака на иконостасот и ги симболизира Христовата жртва и победата над смртта. Третиот детаљ е богатата орнаментална декорација со лозници, птици, пауни, орли, лавови и цветни мотиви. Во овие композиции се препознаваат врвната техничка умешност на мајсторите и длабоката христијанска симболика. Токму затоа иконостасот не е само извонредно резбарско дело туку и единствен духовен и уметнички ансамбл што ја раскажува христијанската порака преку јазикот на уметноста – додава Христоска.
Национално богатство спасено од пропаѓање
Долга е историјата на овој иконостас, па токму затоа нè интересираше и тоа како успеал да опстои до денес.
– Опстанокот на иконостасот е резултат на грижата на црковната заедница и на стручните институции, кои со децении работат на негово истражување и заштита. Како и секое дело изработено од дрво, тој бил изложен на природно стареење на материјалот, промени на температурата и на влажноста, прашина и биолошки оштетувања. Затоа редовниот мониторинг и конзерваторско-реставраторските интервенции се неопходни за неговото зачувување. Наша обврска е да им ја пренесеме оваа исклучителна културна вредност во што е можно подобра состојба на идните генерации – вели Христоска.
Инаку, како што ни посочи, во текот на 2025 година биле реализирани конструктивните интервенции со кои била стабилизирана носечката конструкција на иконостасот. Изведено е конструктивно зајакнување со поставување нови дрвени елементи, бетонски стопи, метални држачи и челични сајли, спроведена е заштита од влага, а реализирани се и неопходните столарски интервенции.
– Во оваа фаза беше конзервиран и реставриран и монументалниот голем крст, со што беа создадени сите предуслови за продолжување на непосредните конзерваторско-реставраторски активности. Во 2026 година продолжија работите на самиот иконостас. Завршени се чистењето, конзервацијата и реставрацијата на поголемиот дел од дрворезбата до царските двери, конзервирани се 16 вградени икони во медалјони, 18 рамки на празничните икони и најголемиот дел од акротеријата. Во текот на работите беа откриени нови состојби што не биле видливи при претходните истражувања, поради што стручниот тим го прошири обемот на интервенциите. Беа отстранети несоодветни преслики од минатото и изработени нови рамки кај дел од иконите, секогаш со почитување на принципите на современата конзерваторска практика и зачувување на автентичноста на споменикот – истакнува Христоска.
Иако е реализирана најголемата и најсложена фаза од проектот, заштитата на иконостасот продолжува. Во наредниот период, според директорката на Заводот и музеј Прилеп, останува да се довршат конзервацијата и реставрацијата на централниот дел со царските двери, страничните столбови, надверието и лунетата, како и завршната обработка на рамките кај иконите од ѓакониконот и проскомидиј. (Д. Т.) Фото ФБ/Завод и музеј Прилеп












