четврток, септември 24, 2026
Дома СВЕТ Европскиот совет одобри исплата на околу три милијарди евра за Украина

Европскиот совет одобри исплата на околу три милијарди евра за Украина

14

Украина наскоро ќе добие речиси три милијарди евра, откако Европскиот совет ја одобри осмата редовна исплата во рамките на Инструментот на ЕУ за Украина, соопшти денеска Европската унија.

 

Средствата од Инструментот за Украина се наменети за зајакнување на макрофинансиската стабилност, закрепнувањето и модернизацијата на Украина, за одржување на функционирањето на јавната администрација и за поддршка на реформските напори на земјата.

Исплатата вклучува 800 милиони евра обезбедени како заем за поддршка на Украина – што претставува првпат средства од заем да се користат за оваа намена.

„Исплатата одобрена денеска го одразува фактот дека Украина успешно ги исполнила десетте планирани чекори… – 84 од 95-те чекори предвидени во Планот, што претставува околу 88 отсто од чекорите што требало да се спроведат досега“, се наведува во соопштението.

Советот денеска го измени и Планот за Украина за да вклучи доброволен финансиски придонес од Норвешка, кој се состои од 1 милијарда норвешки круни (околу 92 милиони евра) во форма на грант.

Инструментот за Украина им овозможува на земјите-членки на ЕУ, на трети земји и на меѓународни организации да даваат доброволни придонеси.

Во текот на изминатата година, Шведска исто така даде дополнителни доброволни придонеси во вкупен износ од над 253 милиони евра.

Норвешка е првата земја надвор од ЕУ што придонесува кон Првиот столб на Инструментот за Украина (Поддршка за Украина преку Планот за Украина). Велика Британија неодамна придонесе со повеќе од 17 милиони евра во Вториот столб (Инвестициска рамка за Украина), се наведува во соопштението.

Инструментот за Украина стапи на сила на 1 март 2024 година, обезбедувајќи повеќе од 50 милијарди евра во грантови и заеми за поддршка на закрепнувањето, реконструкцијата и модернизацијата на Украина до 2027 година.

Од овој вкупен износ, повеќе од 40 милијарди евра се наменети за реформи и инвестиции утврдени во Планот за Украина – патоказот на Украина за закрепнување и пристапување кон ЕУ – при што исплатите се условени со исполнување на целите утврдени во Планот.

Откако ќе се изврши оваа осма исплата, Украина ќе има добиено вкупно повеќе од 32 милијарди евра во рамките на Инструментот за Украина од средината на 2024 година, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ