На свеченото отворање на фестивалот „Игор Маџиров“ се обрати претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која, во својство на покровителка, истакна дека годинашното мото, „Сите сме исти, јас и ти“, е уметнички и хуман повик на почитување на правото на секој човек на свој живот, свој свет, своја приказна. На децата им порача да фантазираат, да размислуваат, да си ги кажат мислењата. „Борете се и негувајте си ја слободата на мислата, коментирајте, хранете си ја љубопитноста, храбро откривајте ги тајните на животот и на светот“, рече таа
Со изведба на драмско-куклената претстава „Која е Лорет“ и под слоганот „Сите сме исти, јас и ти“, вчеравечер, во Театарот за деца и младинци во Скопје се отвори годинашното петто издание на интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, кое ќе трае до 17 октомври.
На свеченото отворање на фестивалот се обрати претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која, во својство на покровителка, истакна дека годинашното мото, „Сите сме исти, јас и ти“, е уметнички и хуман повик на почитување на правото на секој човек на свој живот, свој свет, своја приказна.

– Токму театарот нè учи да погледнеме подалеку од разликите, да го слушнеме другиот и во неговото искуство да препознаеме нешто блиско и свое, наше, заедничко, човечко. Театарот, преку уметничкото доживување, ја развива способноста да се гледа низ туѓите очи, да се преиспита сопственото уверување, а неговата вредност не е само естетска туку и педагошка и хумана, просветителска и просветлувачка, освестувачка, зашто уметноста може да инспирира, да вознемири, да провоцира, но и да облагородува, смирува, духовно збогатува, учи, храни, милува… – рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката им порача на децата да фантазираат, да размислуваат, да си ги кажат мислењата…
– Борете се и негувајте си ја слободата на мислата, коментирајте, хранете си ја љубопитноста, храбро откривајте ги тајните на животот и на светот. Не престанувајте да прашувате, да замислувате и да сонувате, зашто токму во детските пориви се кријат тајната и силата на новото, незамисливото, чудното, неочекуваното. Фестивалските денови нека нè нурнат во театарската магија и во светот на детската фантазија и имагинација – додаде таа.
Потсети дека името „Игор Маџиров“ го поврзува фестивалот со актер чие творештво оставило оригинална, творечка, длабока трага во македонската култура.
– Интернационалниот фестивал на детски театри, преку творечката енергија, уметничката храброст и недофатливите дострели, ја задоволува огромната љубопитност, поврзува блиски и далечни култури, генерации, светогледи. Нека „Игор Маџиров“ ги разгори и овој пат искрата на љубовта и интересот кон театарот и уметноста, кон сцената, кон играта, нека отвори нови видици, нека овозможи фер и витешки натпревар, нека поттикне исчекувања и надежи – истакна претседателката.
На Театарот за деца и младинци му посака нов амбиент заради доброто на глумците, децата, младите, гледачите.
– И оваа година, како и минатата, ќе ја повторам вашата и моја желба: детскиот театар да добие уметничка куќа, дом каков што заслужува, не само сцена на која ќе се играат претстави туку и простор што ќе овозможи, па и ќе стимулира креативност кај најмладите, ќе овозможи да дојде до израз творечката смелост и ќе му овозможи да расте и да се развива како што децата со растот имаат потреба од поголема облека и од поширок простор – рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и го прогласи за отворено петтото издание на фестивалот.

Инаку, годинашниот „Игор Маџиров“ ќе донесе пред македонската детска и возрасна публика единаесет претстави од нашата земја, како и од Србија, Хрватска, Шпанија, Чешка, а кои ќе се изведуваат во Театарот за деца и младинци, Македонскиот народен театар и во Драмски театар во Скопје. На фестивалот ќе присуствуваат и гости од Бугарија, Грција и од Босна и Херцеговина.
Притоа, денеска (15 октомври), во 11:00 часот, во ТДМ, најмладата публика ќе може да ја види куклената претстава „Слатки зборови“ на Градскиот куклен театар од Риека, Хрватска, а на таа локација, од 19:30 часот, ќе се изведе и „Лемба“ на театар од Малага, Шпанија. Четвртиот фестивалски ден (16 октомври) ќе го означат три претстави, и тоа: куклената „Пилотот и Малиот Принц“ на театар од Острава, Чешка (11:00 часот, во Драмски театар), драмската претстава „Чуварот на последното дрво“ на Театар за тебе од Скопје (13:00 часот, во ТДМ) и „куклената „Садако сака да живее“ на и во ТДМ, во 19:30 часот. Последниот фестивалски ден (17 октомври) ќе почне со куклената „Црвенкапа“ на Младинскиот театар од Нови Сад, Србија (11:00 часот, во ТДМ), а ќе заврши, исто така, со куклената претстава „Дрвјанковци“ на театарот „Пинклец“ од Чаковец, Хрватска (19:30 часот, во ТДМ), по што ќе следува доделувањето на фестивалските награди.
На фестивалот доаѓаат истакнати автори, режисери, актери, меѓу кои чешкиот режисер Јакуб Максимов на претставата „Пилотот и Малиот Принц“, кој е познат и по тоа што ја постави во ТДМ наградуваната „Роња, ќерката на ограбувачот“, како и Тамара Кучиновиќ од Хрватска, режисерка на „Садако сака да живее“. Во рамките на програмата ќе се одржи и работилницата „Стилизирање ликови и креирање куклена ткаенина“, која ќе ја води гостинката од Грција со шпанско потекло, Матилда Коралес (15 октомври, 13:00 часот, ТДМ).
Тричленото жири во состав Ориол Фере, Един Климент и Мики Анчевски ќе одлучува за гран-прито за најдобра претстава, како и за наградите за најдобра режија, за најдобра актерска изведба (машка и женска), за најдобра сценографија, костимографија, а има право да додели и специјална награда. На фестивалот веќе неколку години се доделува и наградата за најдобра претстава од страна на детско жири. Сите претстави на домаќинот, ТДМ, ќе се изведуваат како дел од офф-програмата и нема да се натпреваруваат за фестивалските награди. (Н. И. Т.)












