среда, септември 30, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ИАКО СЕ НАЈАВУВАШЕ ДЕКА НОВИОТ СИСТЕМ ЌЕ СТАРТУВА ОД УТРЕ, МОЛК ОД...

ИАКО СЕ НАЈАВУВАШЕ ДЕКА НОВИОТ СИСТЕМ ЌЕ СТАРТУВА ОД УТРЕ, МОЛК ОД ИНСТИТУЦИИТЕ: Матичните лекари останаа без инструкции за органодарителите

Немаме никакво известување во изминатиов период за тоа дека можеме да почнеме да ја евидентираме личната согласност на пациентите што сакаат да бидат органодарители, вели претседателката на Здружението на приватни лекари, Лилија Чолакова-Дервишова

0

Иако се најавуваше дека ќе стартува од утре, системот со кој граѓаните ќе можат да даваат лична согласност да бидат органодарители сè уште не стигнал до матичните лекари. Ова за весникот ВЕЧЕР денеска го изјави претседателката на Здружението на приватни лекари, Лилија Чолакова-Дервишова, по најавите на надлежните здравствени власти дека таквиот систем ќе стартува од почетокот на овој месец.

– Немаме никаква известување во изминатиов период за тоа дека можеме да почнеме да ја евидентираме личната согласност на пациентите дека сакаат да бидат органодарители. Не се известени ниту нашите партнери кои ни ги одржуваат софтверските системи, а тие би требало први да бидат известени за да направат соодветни промени со цел ние да можеме да ја забележиме волјата на граѓанинот. Немаме најави кога би можело да се случи тоа – изјави Чолакова-Дервишова за весникот ВЕЧЕР.

Македонското Собрание, во јуни годинава, ги донесе измените во Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување, а кои, според најавите, требаше да стапат во сила на 1 октомври. Со тоа се воведуваат значајни законски измени во областа на органодарителството. Главната новина е во тоа што секој полнолетен граѓанин ќе може кај својот матичен лекар да се произнесе дали сака да биде органодарител. Изјаснувањето треба да се врши преку нов дигитален модул во „Мој термин“ со двојна верификација. Пред потпишувањето на согласноста, лекарот има обврска да го информира потенцијалниот дарител за значењето на одлуката, нејзините правни последици и правото таа во секое време да биде изменета. Потпишаната изјава ќе се архивира и ќе биде внесена во Националната листа во рамките на системот „Мој термин“. Во базата ќе бидат евидентирани основните лични податоци, датумот на изјавата, избраниот лекар и статусот – дали е дадена согласност или не. Со тоа, секој граѓанин сам ќе одлучи и да каже дека по неговата смрт сака со негови органи да помогне на луѓето кои имаат потреба од трансплантација на некој витален орган. Со измените се проширува кругот на живи дарители на органи, при што се вклучуваат и сродници до четврто колено. Секој поединечен случај ќе биде разгледуван од Етичка комисија, која ќе ја утврдува доброволноста на одлуката и ќе гарантира дека нема притисок, манипулација или трговија со органи.

Весникот ВЕЧЕР денеска се обиде да добие информации од Министерството за здравство, од Управата за електронско здравство, како и од националната координаторка за трансплантации, Билјана Кузмановска, околу стартот на системот, но нашите прашања останаа без одговор.

Во земјава, голем број пациенти чекаат на трансплантација на органи – околу 168 пациенти чекаат трансплантација на бубрег, 37 на срце, 12 на црн дроб и 23 на рожница, односно вкупно 240 лица очекуваат шанса за нов живот.

До стартот на системот на 1 октомври, Министерството за здравство требаше да ги подготви сите подзаконски акти, правилници и технички решенија за новиот модул, како и информативна кампања за запознавање на граѓаните со постапката и нивните права. Формата и содржината на образецот на изјавата и начинот на евидентирање ги утврдува Владата на предлог на Министерството за здравство.

По донесувањето на законските измени, надлежните здравствени власти соопштија дека согласноста на граѓаните да бидат органодарители ќе значи дека нивните семејства нема да може да се спротивставуваат на земањето на нивните органи за трансплантација. За оние лица што, пак, не дале таква согласност, во случај на можноста да бидат органодарители, одлуките и натаму ќе ги носат најблиските членови на семејствата. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ