Центарот за јавно здравје – Прилеп информира дека водата за пиење од градскиот водовод во Крушево е бактериолошки неисправна, поради што на жителите им се препорачува за пиење да користат исклучиво пакувана вода. Од ЈП „Комуна“ – Крушево соопштија дека водата од градскиот водовод може да се користи за лична хигиена, подготовка на храна, перење и миење садови само по превривање од најмалку 10 минути.
Во соопштението се наведува дека редовно се врши хлорирање на водата, како и секојдневна контрола на присуството на хлор.
Препораките ќе останат во сила сè додека не се добијат три последователни исправни примероци од водата. Од Центарот за јавно здравје – Прилеп најавија дека ќе бидат во постојана комуникација со надлежните институции и навремено ќе ја информираат јавноста за состојбата.
Воедно, при испитувањето на водата од крајпатните чешми „Бензинска пумпа“ и „Св. Петка“, земени на 20 јули, исто така е утврдена бактериолошка неисправност, поради што тие не смеат да се користат како вода за пиење.












