Иако Владата уверува дека буџетската состојба е стабилна и засега не планира проширување на дефицитот, државата влегува во нов кредитен аранжман тежок 260 милиони евра. Парите ќе се обезбедуваат од пет странски банки и ќе се користат за буџетски потреби, капитални расходи и отплата на постојните долгови. Договорот е веќе финализиран, а за да стапи во сила е потребно предлог-законот за задолжување да биде изгласан во Собранието.
Новото задолжување ќе дојде во период кога државата се соочува со зголемени финансиски потреби, а дел од средствата ќе бидат искористени и за отплата на постојни долгови и обврски што пристигнуваат во наредниот период. Премиерот, Христијан Мицкоски, пред десет дена изјави дека Владата засега не планира ново проширување на буџетскиот дефицит. Според него, буџетската состојба е стабилна, но остава простор за дополнителни мерки доколку економските услови се влошат во наредниот период
Владата планира ново задолжување од 260 милиони евра откако Министерството за финансии ги заврши преговорите со група странски банки за обезбедување средства што ќе се користат за покривање на буџетските потреби, капитални расходи и сервисирање на постојните обврски на државата. Иако првичниот план бил да се обезбедат 300 милиони евра, конечниот договор е склучен за помал износ.
Според предлог-законот за задолжување доставен во Собранието, процесот започнал со владин заклучок донесен на седница одржана на 10 февруари годинава.
– Владата го задолжи Министерството за финансии во рок од 10 дена да ја почне постапката за избор на странски комерцијални банки и да ангажира правни советници со цел спроведување на постапката за задолжување на Република Северна Македонија со склучување на договор за заем со странски комерцијални банки во износ до 18,45 милијарди денари (300 милиони евра), кој ќе биде наменет за општи буџетски потреби, вклучително и за финансирање капитални расходи и рефинансирање на обврски утврдени во Буџетот – се наведува во документот.
По ова, Министерството за финансии испратило барања до 14 меѓународни банки кои имаат искуство со суверени заеми и финансиски трансакции. До крајниот рок пристигнале осум понуди, а како најповолна била оценета понудата на „Мерил линч интернационал“. Освен оваа банка, во кредитниот аранжман влегуваат и германската „КфВ ИПЕКС банка“, шпанската „Банко билбао вискаја аргентарија“, австриската „Ерсте груп банка“ и „АКА Аусфуркредит гезелшафт“.
– Понудените финансиски услови, пристапот кон реализација и целокупниот финансиски пакет беа оценети како најповолна комбинација во однос на цената, структурата и сигурноста на реализација. Преговорите со банките се финализирани на 13 мај, а договорот ќе може да стапи во сила откако пратениците ќе го изгласаат законот во Собранието – се вели во образложението на предлог-законот.
Според условите од договорот, државата ќе ги повлече средствата во една транша, а рокот за отплата е седум години, со три години грејс-период. Отплатата ќе се врши преку девет еднакви полугодишни рати. Каматата ќе биде променлива и ќе се пресметува врз основа на шестмесечниот ЕУРИБОР, зголемен за 2,10 процентни поени. Дополнително, државата ќе треба да плати и еднократна провизија од 1,4 проценти од вкупниот износ на заемот, како и годишен надомест од 12.500 евра кон агентот на заемодавачите.
Во самиот предлог-закон, како главна причина за новото задолжување се наведува потребата од одржување на буџетската ликвидност и стабилност на јавните финансии.
– Основно начело врз основа на кое се заснова овој предлог-закон е обезбедување средства за општи буџетски потреби, вклучително и за финансирање на капитални расходи и рефинансирање на обврски утврдени во Буџетот на Република Северна Македонија, под поволни услови – стои во документот доставен до Собранието.
МН: Мицкоски: Засега нема ново зголемување на дефицитот
Новото задолжување доаѓа во период кога државата се соочува со зголемени финансиски потреби, а дел од средствата ќе бидат искористени и за отплата на постојни долгови и обврски во наредниот период. Премиерот Христијан Мицкоски пред десет дена изјави дека Владата засега не планира ново проширување на буџетскиот дефицит. Според него, буџетската состојба е стабилна, но остава простор за дополнителни мерки доколку економските услови се влошат во наредниот период.
– Во моментов, дефицитот е проектиран на 3,5 проценти од БДП, а приходите во првиот квартал се движат во рамките на планираното. Сепак, конечните одлуки ќе зависат од текот на кризата и од приливот на средства во државната каса во наредните месеци. Сега од оваа перспектива не планираме проширување на буџетскиот дефицит, бидејќи приходите се во рамките на планираните. Но, како ќе биде во вториот квартал не знам, бидејќи треба да видиме како ќе се одвива кризата. Креираме сценарија и ќе дејствуваме врз основа на тие сценарија – изјави Мицкоски.
Премиерот потсети дека Владата го наследила буџетскиот дефицит на ниво повисоко од 4,5 проценти, а во изминатиот период успеала да го намали на 3,5 проценти од БДП. Според него, тоа е показател дека јавните финансии постепено се стабилизираат. Тој не ја исклучува можноста дефицитот дополнително да се зголеми за 0,2 или 0,3 процентни поени, но само доколку економските услови го наложат тоа.
– Можеби ќе треба буџетскиот дефицит да се зголеми малку, а можеби и нема да има потреба. Ако од буџетскиот дефицит се тргнат трошоците за камати, тогаш имаме навистина стабилна ситуација – рече Мицкоски.
Во однос на евентуалните нови задолжувања, премиерот порача дека Владата ќе ја избере најповолната варијанта за финансирање, без разлика дали станува збор за домашни банки, меѓународни финансиски институции или билатерални кредити.
– Ако се прошири буџетскиот дефицит тогаш ќе бараме пари за да го покриеме. Во разговори сме и со македонските банки и со партнерите од меѓународната заедница. Имаме опции од каде да ги обезбедиме тие средства и под поволни услови – истакна премиерот.
Мицкоски оцени дека кредитниот рејтинг на државата останува стабилен, за разлика од дел од земјите во регионот, на кои веќе им се предвидуваат негативни економски изгледи.
– Оваа Влада, успеа за две години да ги консолидира работите и од држава која коленичи, да стане фактор на стабилност. И понатаму ќе продолжиме да се однесуваме така – порача Мицкоски.
(С. Бл.)












