петок, јули 3, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Општина Чешиново-Облешево учествуваше на 23. меѓународен фестивал на штркот – „Европска мрежа...

Општина Чешиново-Облешево учествуваше на 23. меѓународен фестивал на штркот – „Европска мрежа на села на штркови“

49

Делегација од Општина Чешиново-Облешево, предводена од градоначалникот Јорданче Костадинов, учествуваше на 23. меѓународен фестивал на штркот – „Европска мрежа на села на штркови“, што се одржа во Пловдив и Белозем, едно од најпознатите „села на штркот“ во Европа.

– На фестивалот во Бугарија беа разменети искуства и добри практики за заштита на белиот штрк, зачувување на природните живеалишта и развој на екотуризмот – истакнаа од Општина Чешиново-Облешево.

Оттаму додадоа дека особено внимание било посветено на позитивните резултати од Кочанско Поле, кое и понатаму останува едно од најзначајните живеалишта на белиот штрк во регионот.

Според најновите податоци, бројот на гнезда на белиот штрк во регионот бележи значителен пораст. Во Чешиново, бројот на гнезда е зголемен од 17 на 33, додека во Облешево од 26 на 34 гнезда.  На ниво на Кочанско Поле се регистрирани вкупно 223 гнезда.

Овие резултати, како што било истакнато на средбата, се потврда за богатството на природата, традиционалното земјоделство и грижата на локалното население кон животната средина и заштитата на штрковите.

Градоначалникот Јорданче Костадинов истакна дека учеството на фестивалот е значајно за промоција на општината и зајакнување на меѓународната соработка во областа на заштитата на природата.

– Чешиново-Облешево останува препознатливо место за белиот штрк и пример како со заедничка грижа на институциите и на граѓаните може успешно да се зачува природното богатство. Нашата општина и понатаму активно ќе работи на заштита на штркот и на развој на екотуризмот – истакна Костадинов. 

ИЗДВОЕНИ