Германската влада соопшти дека ќе ги задржи санкциите кон Русија поради војната во Украина, иако американскиот претседател Доналд Трамп синоќа објави дека неговата администрација привремено ги укинала американските санкции за руското дизел-гориво, откако Русија ветила дека ќе го испорачува ова гориво за САД и за остатокот од светот.
„Сојузната влада ја зеде предвид одлуката на САД во врска со испораките на руски дизел“, кратко изјави портпаролот на германската влада, Штефен Корнелиус, додавајќи дека поддршката на Германија за Украина останува непроменета и дека ќе продолжат дипломатските напори за постигнување решение за војната меѓу Русија и Украина.
Синоќа, Трамп објави дека постигнал крајно контроверзен договор со рускиот претседател Владимир Путин во врска со испораката на милиони тони дизел-гориво за американскиот пазар и за остатокот од светот. Оваа еднострана одлука предизвика остри критики од американските законодавци и бурни реакции од украинскиот претседател Володимир Зеленски.
По телефонскиот разговор со Путин, Трамп најави дека Русија веднаш ќе започне со испорака на дизел-гориво за да помогне во ублажувањето на вртоглаво високите цени во САД.
Повеќе од 300.000 метрички тони (приближно 2,25 милиони барели) руски дизел веднаш ќе бидат пуштени на американскиот и на глобалниот пазар. За ноември се планирани дополнителни 500.000 тони, а набрзо потоа и уште еден милион тони. Договорот предвидува уште три милиони тони „во блиска иднина“, со што почетниот пакет на испорака би надминал четири милиони метрички тони.
За да се олеснат трансакциите, Министерството за финансии на САД издаде општа дозвола со која привремено се укинуваат санкциите за извоз на руски дизел.
Администрацијата на Доналд Трамп е под огромен домашен притисок да ги намали цените на горивото, кои вртоглаво пораснаа пред претстојните ноемвриски избори за Конгресот на САД – особено поради зголемените трошоци што ги погодуваат американските земјоделци, сточари, транспортни компании и самите возачи на камиони.
Енергетските пазари се крајно нестабилни поради војната со Иран, која доведе до затворање на стратешки важниот теснец Хормуз, како и поради постојаните напади со украински беспилотни летала врз руската енергетска инфраструктура. Извештаите укажуваат дека Трамп го постигнал договорот за дизелот со Путин бидејќи украинскиот претседател Зеленски се спротивставил на барањата на САД за запирање на нападите со беспилотни летала врз руските рафинерии за нафта.
Објавата на Трамп означува драстична промена во политиката, доаѓајќи само три недели откако тој потпиша закон за воведување санкции против Русија и Иран – потег насочен кон заострување на енергетските санкции против Москва.
Претседателот Зеленски остро го осуди потегот на Трамп на социјалните мрежи и во интервјуа, опишувајќи го укинувањето на санкциите како „роденденски подарок за Путин“, кој оваа недела наполни 74 години. Зеленски изјави дека договорот претставува „инвестиција во војна што мора да заврши, а не да се продолжува“.
Лидерот на малцинството во американскиот Сенат, Чак Шумер, и други високи функционери издадоа заеднички изјави во кои остро го критикуваа договорот, оценувајќи го како неуспех во заштитата на Америка од нејзините противници и нагласувајќи дека тој целосно го поткопува неодамна усвоениот двопартиски закон за санкции против Русија и Иран.
Дури и некои членови на сопствената партија на Трамп го критикуваа потегот, при што републиканските пратеници тврдеа дека поддршката за воената економија на Путин го компромитира моралниот став на Западот во однос на војната во Украина, пренесе „Бета“.












