Македонија до 2028 година треба да биде подготвена да стане алтернативна рута за снабдување на Јужна и Централна Европа со природен гас, а паралелно се работи и на нови електроенергетски поврзувања во регионот. Ова го истакна министерката за енергетика Сања Божиновска по вториот министерски самит за енергетика што се одржа во Белград.

На средбата, на која учествуваа Македонија, Србија, Бугарија и Грција, во фокусот е регионалната енергетска безбедност, подобрата инфраструктурна поврзаност и подготовките за претстојната зима. Божиновска порача дека, и покрај глобалните предизвици, земјата е подготвена за зимската сезона и оти сигурноста на снабдувањето со електрична енергија и природен гас останува приоритет.

Еден од клучните проекти е развојот на таканаречениот Вертикален коридор, преку кој треба да се овозможат дополнителни правци за транспорт на природен гас. Во септември девет систем-оператори од девет држави го потпишаа пристапувањето кон иницијативата, меѓу кои и операторите од Македонија и Србија. Со новите поврзувања, Македонија од досегашната зависност од една конекција со Бугарија треба да добие дополнителна можност за снабдување преку Грција. Планот е природниот гас преку македонска територија да продолжува кон земјите од Централна и Јужна Европа, со што би се зајакнала безбедноста на снабдувањето во поширокиот регион.

– Ние сме подготвени, имаме добра хидрологија – изјави Божиновска, говорејќи за подготовките за зимските месеци и состојбата со енергетскиот систем.

Покрај гасната инфраструктура, на самитот посебно внимание било посветено и на електроенергетската мрежа. Во рамки на коридорот Исток-Запад се планира изградба на нови конекции со капацитет од 2.000 мегавати, кои би се протегале од Бугарија, преку Македонија, до Италија. За проектот во ноември треба да следуваат дополнителни технички состаноци.

Министерката оцени дека токму подобрата регионална поврзаност е еден од предусловите за поголема енергетска сигурност. Таа нагласи дека е потребна континуирана комуникација меѓу операторите на преносните системи, како и размена на информации за навремено справување со предизвиците.

Според Божиновска, значајно е што во регионалниот формат се обединети две земји членки на Европската Унија и две држави кои се стремат кон членство. Таа смета дека досегашната динамика покажува оти соработката може да даде конкретни резултати за релативно краток период.

Интерконекцијата со Грција се очекува да биде завршена до средината на следната година, додека договорот за поврзување со Србија веќе е потпишан. Дополнително, инфраструктурата се подготвува и за идните енергетски потреби, бидејќи цевководите ќе можат да се користат и за транспорт на водород.

На состанокот биле разгледани и прашањата поврзани со механизмот за јаглеродно прилагодување на границите. Во меѓувреме, продуктоводот од Грција до Скопје годинава започна со работа, а Македонија е подготвена да учествува во студија за изводливост што треба да придонесе за натамошно подобрување на сигурноста на снабдувањето, вклучително и за Србија.

На маргините на самитот Божиновска треба да оствари и билатерална средба со бугарската министерка Ива Петрова. Очекувањата се разговорите да бидат насочени кон продлабочување и проширување на енергетската соработка меѓу двете држави.

ИЗДВОЕНИ