Француските власти соопштија дека најмалку 215 демонстранти и 715 полицајци се повредени, а повеќе од 5.000 луѓе се уапсени од почетокот на протестите. Ученици, студенти, родители и синдикати протестираат низ цела Франција поради недоволните инвестиции во средните училишта.
Првичните протести кон крајот на септември беа организирани од ученици во регионот на Париз, а иницијативата подоцна ја презеде Синдикатот на средношколци, кој повика на блокади низ целата земја. Оттогаш, демонстрациите брзо се проширија низ земјата – од Лил и Марсеј до Нант – а стотици училишта беа делумно или целосно затворени.
Еден синдикат извести дека на 6 октомври биле блокирани или затворени 1.800 средни училишта и 90 отсто од универзитетите.
Учениците во Париз поставија барикади од канти за отпадоци и носеа транспаренти со пораки како:
„Сакаме да бидеме слушнати, а не нападнати со солзавец“ и „Нашата иднина не е опција“, пренесува Ројтерс.
Иако многу протести поминаа мирно, некои прераснаа во насилство, при што во одредени училишта беа подметнати пожари.
Француските власти соопштија дека најмалку 215 демонстранти и 715 полицајци се повредени, а повеќе од 5.000 луѓе се уапсени.
Како реагираше француската влада?
Францускиот министер Себастиен Лекорну им наложи на министрите да ги разгледаат клучните барања на учениците во обид да ги смират протестите.
Овие барања вклучуваат обезбедување замени за отсутните наставници, преиспитување на времетраењето на десетчасовниот училишен ден и разгледување на потребата од подолги паузи за ручек.
Во понеделникот, француското Министерство за образование започна национални консултации со средношколците за да собере предлози за подобрување на образовниот систем.
Министерот за образование Едуар Жефре изјави дека е од суштинско значење „да се земе предвид различноста на нивните училишни искуства“.
Консултациите ќе ѝ овозможат на владата „да ги слушне нивните предлози и заедно со нив да изгради конкретни решенија“, додаде тој.
Во понеделникот, на 5 октомври, на 15-годишно момче му беше откината раката – наводно од полициска шок-бомба – по судирите во Ленс, град во северна Франција.
Животот на ученикот „не е во опасност“, но инцидентот е „многу сериозен“, изјави високиот функционер Франсоа-Ксавие Лош.
Полицијата за разбивање демонстрации беше распоредена околу училиштето во градот откако учениците почнаа да фрлаат камења, пиротехнички средства и импровизирани експлозивни направи кон нив, додаде тој.
Шок-бомбата е несмртоносно средство што полицијата за разбивање демонстрации го користи за контрола на толпата, но постојат спротивставени информации околу тоа дали момчето ја кренало бомбата од земја. Регионалниот обвинител соопшти дека истрагата ќе ја спроведе француското тело за надзор на полицијата, Генералниот инспекторат на националната полиција (IGPN).
Ова не е прв случај некој да биде повреден за време на тековните протести.
Во првата недела од октомври, наводно, 14-годишник бил удрен во главата со контејнер од солзавец и се здобил со скршеница на вилицата.
Исто така, 16-годишно момче по име Маел го изгубило видот на десното око за време на блокада на средно училиште во градот Тур, во централна Франција.












