Мексиканскиот боксер Канело Алварез го победи Кубанецот Вилијам Скул и со тоа ги обедини титулите светски шампион во суперсредна категорија, во верзиите на WBA, IBF, WBO и на WBC. Борбата траеше 12 рунди, а мексиканскиот боксер победи со едногласна одлука на судиите (115:113, 116:112, 119:109).

Пред борбата што се одржа во Ријад, Канело ги држеше сите титули, освен IBF, а тоа е појасот што му го одзеде на Кубанецот со триумф.

  • За мене, мечот е досаден кога еден од боксерите не се обидува да победи, туку само сака да ја издржи борбата до крај. Ги мразам таквите боксери. Сега, по втор пат во мојата кариера, сум апсолутен светски шампион во оваа категорија. Горд сум бидејќи се борев во Саудиска Арабија – рече Канело Алварез.

Алварез, иако пред една година јавно објави дека нема намера да се бори за богатиот саудиски шеик Турки ал Шеик, се премисли и ја прифати понудата. Саудискиот богаташ привлече големо внимание во спортската јавност, во последниве години. Главниот човек за спорт во Саудиска Арабија ги „купи“ Кристијано Роналдо, Ентони Џошуа, Тајсон Фјури… и многу други спортски ѕвезди, но Канело долго време им одолеваше на неговите понуди.

Боксот е спорт во кој Саудиска Арабија вложува многу. Ал Шеик успеа да организира бројни спектакли што светот со нетрпение ги очекуваше, но Канело упорно ги одбиваше неговите покани.

  • Не ми требаат. Ако сакаат да соработуваат со мене, тоа ќе биде на мој начин. Тие сакаат веднаш да кажам „да“ за понудата, но јас не работам така. Го почитувам Турки, но не ми се допаѓа начинот на кој работи. Нема да го молам за пари и да му ги земам како другите – рече Канело.

Сепак, кога му донесе Турки 400.000.000 долари на славниот шампион, неговото мислење брзо се промени. Турки ќе организира четири борби за него, а тој ќе добие по 100 милиони долари за секоја!

  • Ова е навистина убаво искуство. Убаво е да се има поддршка од сите страни. Го исполнив мојот сон борејќи се на ново место и ветувам вистинско шоу – рече Канело.

ИЗДВОЕНИ