понеделник, септември 28, 2026
Дома СВЕТ Русија драстично ќе го зголеми воениот буџет за 2027 година

Русија драстично ќе го зголеми воениот буџет за 2027 година

0
Фото:википедија

Русија планира да потроши 17,1 трилион рубљи (202,58 милијарди долари) за одбрана во 2027 година – што е за околу 27 отсто повеќе од првично проектираните 13,5 трилиони рубљи и претставува највисок износ од почетокот на војната во Украина во 2022 година – според владините документи во кои увид имаше агенцијата „Ројтерс“.

Документите покажуваат дека вкупните трошоци за одбрана во текот на следните три години ќе изнесуваат 50 трилиони рубљи. За 2026 година, владата планираше да потроши 12,1 трилион рубљи за одбрана, иако реалната бројка е класифицирана како доверлива и нема да биде јавно објавена. Дел од воените расходи може да бидат распределени и на други позиции во буџетот.

Документите исто така покажуваат дека владата ја зголемила прогнозата за буџетскиот дефицит за 2026 година на 3,2 отсто од бруто-домашниот производ (БДП), што е пораст во однос на претходно проектираните 1,6 отсто. Предвидено е буџетските расходи во 2026 година да пораснат за 13,2 отсто, достигнувајќи 48,6 трилиони рубљи, односно 20,9 отсто од БДП.

Се очекува владата да го достави нацрт-буџетот до парламентот до 1 октомври.

Минатата недела, владата најави планови за дополнително зголемување на даноците во 2027 година со цел да се финансира растечкиот дефицит. Документите укажуваат дека новиот данок на екстра-профит за рударските и металуршките компании се очекува да генерира приближно 200 милијарди рубљи годишно.

Документите исто така покажуваат дека во 2026 година владата планира да ја зголеми целта за нето-задолжување за 26 отсто – на пет трилиони рубљи – и да искористи 459 милијарди рубљи (околу 11 отсто од ликвидниот дел на Фондот за национално богатство) за намалување на дефицитот. Истовремено, таа ја намали прогнозата за приходите од нафта и гас за 2026 година на 7,6 трилиони рубљи, што е пад во однос на претходните 8,9 трилиони рубљи. Според документите, се предвидува дека државниот долг ќе се зголеми на 21,7 отсто од БДП во 2027 година, од 19,9 отсто во 2026 година, надминувајќи ја границата од 20 отсто што надлежните ја сметаат за безбедна. Вкупното задолжување во 2027 година треба да се зголеми за 43 отсто, достигнувајќи 7,7 трилиони рубљи.

ИЗДВОЕНИ