Белата куќа започна со емитување нов телевизиски спот, финансиран од парите на даночните обврзници, во кој американскиот претседател Доналд Трамп изјавува дека „ова е конечната битка“, пред ноемвриските избори за Конгресот.
Во спотот се прикажува Трамп како оди по ходник додека се слуша неговиот глас како вели: „Ќе ги истераме комунистите, марксистите и фашистите. Ќе се ослободиме од болната политичка класа што ја мрази нашата земја. Ќе ги поразиме медиумите што шират лажни вести и еднаш засекогаш ќе ја ослободиме Америка од овие негативци“, пренесува „Си-ен-ен“ (CNN).
Снимката содржи делови од говор што Трамп го одржал на Денот на ветераните во 2023 година, забележува американската телевизиска мрежа.
Администрацијата на Трамп привлече внимание со емитувањето спотови во кои се појавува претседателот, само нешто повеќе од еден месец пред изборите за Конгресот.
Белата куќа тврди дека станува збор за соопштенија од јавен интерес – слични на претходните владини кампањи за информирање на граѓаните за „Медикер“ (Medicare), „Обамакер“ (Obamacare) и вакцинацијата против КОВИД-19 – и инсистира дека новите спотови „јасно не се предизборни реклами“.
Најновиот спот е речиси идентичен со голем дел од видеото што Трамп го објави на платформата „Трут соушл“ (Truth Social) во јануари 2024 година, за време на неговата тогашна претседателска кампања.
Сепак, за разлика од тоа видео, спотот финансиран од Белата куќа на крајот ја содржи ознаката „Платено од Владата на САД“. Ова е трета реклама финансирана од владата што во последните денови ја евидентираше „АдИмпакт“ (AdImpact), организација што го следи политичкото рекламирање.
Првиот спот, кој почна да се емитува во средата, прикажува брз редослед на фотографии и видеоснимки од Трамп, придружени со неговиот глас кој ги осудува комунизмот и социјализмот, додека на екранот се прикажуваат достигнувањата на неговата администрација, вклучително и „оживувањето на американското производство“.
Вториот спот го прикажува Трамп на планината Рашмор, додека се слуша неговиот глас како вели: „Никогаш една нација не прославила победа толку величествена како оваа“.
Белата куќа не даде детали за финансирањето на првата реклама, но ја бранеше како „соопштение од јавен интерес“ чија цел е промовирање на националната гордост. Портпарол на Белата куќа ја опиша рекламата како „едукативна и непоколебливо патриотска“, додавајќи дека Американците „треба да бидат горди на својата земја“.
„Комон коз“ (Common Cause), организација што ја надгледува работата на владата, го критикуваше емитувањето на првата реклама, истакнувајќи дека таа може да ги прекрши правилата со кои се забранува користење пари од даночните обврзници за „пропаганда“.
Керол Еванс, потпретседателка на организацијата за јавни политики, изјави за Си-ен-ен (CNN) дека прашањето е зошто претседателот користи средства од даночните обврзници за да го промовира својот лик толку блиску до изборите, пренесува „Танјуг“.












