Во првите три месеци од примената на мерката за поповолни услови при купување прв стан, подигнати се околу 400 станбени кредити, информираше гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.

Одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференција, Славески посочи дека мерката била донесена минатата година, а започнала да се применува од 1 декември.

Тој објасни дека Народната банка ги заострила условите за станбено кредитирање со цел да се спречи прекумерното задолжување на граѓаните и ризиците кај банките, но истовремено овозможила олеснувања за лицата и за семејствата што купуваат прв стан.

– Ги затегнавме условите кај станбените кредити заради заштита од прекумерно задолжување, но во спротивна насока овозможивме олеснувања за купување прв стан. За првите три месеци од примената, од декември до крајот на февруари, подигнати се 400 такви кредити – изјави Славески.

Според него, една од клучните поволности е тоа што сопственото учество на кредитобарателите може да изнесува само 10 проценти.

– Следиме на месечно ниво и засега е рано за конечни оцени, но мислам дека мерката ќе даде ефект – нагласи гувернерот.

Во однос на движењето на цените на недвижностите, Славески рече дека според информациите што ги пласираат учесниците на пазарот преку медиумите, се забележува извесно стабилизирање на цените на становите.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ