Хотелите во новозеландскиот град Данедин веќе две години однапред регистрираат интерес за целосното затемнување на сонцето што ќе се случи во 2028 година, прв ваков настан видлив од областа по повеќе од 850 години.
Затемнувањето ќе се случи на 22 јули 2028 година во 16:17 часот по локално време, кога Месечината ќе помине пред сонцето и ќе фрли сенка широка околу 100 километри низ делови од јужен Нов Зеланд, објави „Гардијан“.
Зоната на целосен мрак ќе ја вклучува областа од туристичкиот град Квинстаун на запад до Данедин на исток, каде што дневниот мрак ќе трае две минути и 51 секунда.
До настанот остануваат уште две години, а сместувачките капацитети веќе брзо се полнат.
Лоџот за одмор во Данедин веќе го распродаде својот пакет за затемнување на сонцето, кој вклучува бесплатни очила за набљудување на феноменот.
Астрономот Иан Грифин, директор на Музејот Тухура Отаго, рече дека последното целосно затемнување на сонцето видливо од Данидин било во 1163 година, пред луѓето да пристигнат во Нов Зеланд.
„Ние ќе бидеме првите луѓе во Данидин кои некогаш ќе видат затемнување на сонцето од овој дел од светот, што е многу возбудливо“, рече Грифин.
Ова ќе биде и првото целосно затемнување на сонцето видливо било каде во Нов Зеланд од 1965 година.
Музејот Данидин започна двегодишно одбројување до настанот, за кој се очекува да биде голем туристички настан за градот.
Се проценува дека околу 35.000 посетители ќе дојдат во градот со околу 130.000 жители.
Настанот ќе се одржи за време на новозеландската зима, веднаш по прославата на Матарики, Новата година на Маорите.
Матарики е името за ѕвезденото јато познато во другите делови од светот како Плејади.
Данидин планира фестивал на ноќното небо што ќе започне за време на Матарики и ќе трае до затемнувањето.
Градоначалничката на Данидин, Софи Баркер, рече дека возбудата за настанот веќе се чувствува низ целиот град.












