четврток, октомври 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „Хема-Онко“: Лани нови 1.000 случаи на рак на дојка, на Онкологија 7.000...

„Хема-Онко“: Лани нови 1.000 случаи на рак на дојка, на Онкологија 7.000 пациенти на активен третман

10

Околу 1.000 пациенти со рак на дојка биле дијагностицирани минатата година, а во моментов околу 7.000 пациенти се на активен третман на Клиниката за радиотерапија и онкологија, беше истакнато денеска на настанот „Појадок со Хема-Онко“ кој беше посветен на пациентите, здравствените работници и на потребата од заедничко градење подобра и посеопфатна онколошка грижа.

Директорот на Клиниката за онкологија, проф. д-р Игор Стојковски, информира дека минатата година биле воведени нови лекови, особено за пациентите со рак на дојка, со што бил зголемен бројот на пациенти кои добиваат специфичен третман. Тој посочи и дека почнала постепена децентрализација на онколошките услуги, преку специјалистичко-консултативна дејност во ГОБ „8 Септември“. Планот е процесот да продолжи и во Клиничката болница во Битола, каде што онколог од Скопје би давал консултации. Според Стојковски, децентрализацијата треба да се одвива во неколку фази, а следната би била воспоставување дневна болница. Призна дека постојат проблеми со гужвите на Клиниката, како и повремени доцнења во терапијата поради проблеми во дистрибуцијата.

Во однос на снабдувањето со лекови, Стојковски рече дека Клиниката може да укажува на веледрогериите и на дистрибутерите за последиците од доцнењето врз пациентите. Тој додаде дека потребата од финансиски средства од година во година расте поради зголемувањето на бројот на пациенти, но и поради подолгото преживување и подолгото траење на терапиите.

– Минатата година ја завршивме со 5.300 нови пациенти од различни локализации. Во принцип, бројот расте, по 200 до 300 пациенти плус годишно новорегистрирани – рече Стојковски. Тој посочи дека бројот на пациенти кои во текот на една календарска година барем еднаш се јавуваат на Клиниката е околу 20.000.

Стојковски информираше и дека на Клиниката престојува онколог од „Харвард медикал скул“, со кого се разгледуваат можности за соработка во едукацијата на помладите лекари, со фокус на ракот на дојка.

Од „Хема-Онко“ нагласија дека децентрализацијата мора да се спроведе внимателно, со приоритет на безбедноста и навременото добивање терапија.

– Не е поентата само да се прима терапијата туку навистина да обезбедиме дека секој пациент кој нема да биде на Клиниката за онкологија ја прима безбедно оваа терапија – рече Ана Марјановиќ од Здружението.

– Внатре има 300 луѓе и четворица лекари. За толку болни од рак со четврти степен, за кои деновите се изброени, не страдаат само болниот и семејството – рече пациентот.

Во однос на идната организација на онколошката грижа, од „Хема-Онко“ посочија дека целта е терапијата постепено да се доближува до пациентите, но одлуките за начинот на лекување да останат во рамките на стручни мултидисциплинарни тимови.

ИЗДВОЕНИ